Информации за нови проекти и зафати, рецензии и осврти за претставите од тековниот репертоар, интервјуа со актери, режисери, драмски автори, историјати на професионалните театри во Македонија... згора на тоа и содржини за познати театарски куќи од светот, како и други информации од сценската уметност ќе се најдат на веб-страницата Наше театарче, којашто со промоцијата во Културниот центар „Јавна соба“ во Скопје, и официјално ја започна својата информативна, едукативна и културна мисија.
Зад проектот, со сопствениот творечки габарит, застанаа писателката Катерина Грозданова и нејзиниот сопруг, новинарот и театарски критичар Борче Грозданов – Пандур. Тие сметаа дека со овој потег го започнуваат отсонувањето и не само на нивниот сон.
„Во денешно време, па и во сите минати и идни времиња, додека е светов и веков, е една голема тежина. Таа тежина полека ја отфрламе и почнува да ни олеснува бидејќи Наше тетарче е наше, ваше, нечие, сечие и верувам дека во име и со нив, со театарските сладокусци, ќе оставиме трага, како патникот Теспис и како Талија и нејзините друшки, за да оствариме една цел која исклучиво ќе го третира и ќе го малтретира во позитивна смисла на зборот македонскиот театар“, вели Борче Грозданов – Пандур.
Тој дополнува дека нивната идеја е стара три-четири години и дека обајцата го сонуваат истиот сон. Впрочем, како што вели, Кети и тој своевремено се запознале во театар, таму се вљубиле еден во друг и сега продолжуваат по таа патека радосни што сонувајќи ќе го продолжат животот позитивно.
Катерина Грозданова, пак, на белината од воведната страна на Наше тетарче, во посланието до публиката, насловено како „Ѕидовите вековно биле граница“, пишува дека нејзе најстрашни и најнеприфатливи и се „ѕидовите во мислата, зборот, идејата“. Оние кои шетаат насекаде околу нас. Затоа, како што пишува, „сакала да земе мал чекан и прво да почне од својата мисла – прво нејзе да ја руши“. Но, се кренала завесата, почнал театарот, се разиграле маските и костимите, започнале да се тркалаат зборовите и станала дел од армијата искрени вљубеници кои сакаат да туркаат ѕидови. Така започнала приказната за Наше тетарче како борба во сивилото за белина и малку повеќе сонце.
„Во ова време на зовриени политички кампањи, ние денес водиме кампања за театарот. За културата. Така се поклопија работите. Ние сега биеме битка за да се растури сивилото и да не огрее сончевина“, истакнува Грозданова, која во случајов правно-формално ќе ја извршува функцијата на директорка на Наше театарче.
Инаку, нивната заложба како веб-страница исклучиво за театар, и над сè за македонскиот театар, е не да бидат, како што велат, „голем сајт“ туку да понудат четиво за насладување на публиката и на театарџиите.
„Битна ни е сцената, онаа наша македонска. Буквално од – до. Од Гевгелија па сè до Куманово. Мислам дека ќе ја „шпартаме“ Македонија, тоа ни е целта, и дека ќе нудиме информации, ако не за сè, тогаш барем за многу голем дел од она што се случува во Македонија и во театрите – истакнува“, Грозданов.
Тој не ја крие радоста од позитивните реакции на македонските уметници за идејата за Наше театарче и најавува дека покрај нив двајца на сајтот ќе може да се читаат и текстовите на автори и театарски проследувачи како Лилјана Мазова, Сотир Трајков, Тони Димков, а писателот и професор на ЕФТА - Христо Петревски веќе го започна и испишувањето на својата колумна насловена како „Монокл“.