Пишувам за љубовта многу одамна. Отсекогаш сум верувала во вистинската љубов. И бев сигурна дека еден ден ќе ја најдам, како што ја најдов. Така беше и со првата книга „На попатнина кон Дома...“, така е и со оваа. Со „Трпеза“.
Вака Катерина Грозданова ќе ја почне приказната за својата втора објава што неодамна ја публикуваше издавачката куќа Контура. Станува збор за збирка од 21 раскази преку кои авторката порачува: „Трпезата е уште едно име додадено за Љубов!“.
„Сакам да се доближам до луѓето преку трпезата, а трпезата за нас е живот. Без храна ние не можеме да преживееме. Значи мора да се храниме. А, ако е трпезата живот, тогаш и љубовта е живот. Тогаш дајте ми трпеза да јадам и да се нахранам. Тоа беше појдовната точка од таа приказна. Повелете да се нахраниме, да ја зачуваме љубовта која добива ново име – трпеза“, вели Грозданова.
Таа дополнува дека живееме во време во кое потполно се отуѓивме, се оддалечивме едни од други. Дека ако не се тие трпези, за слави, родендени, имендени, свадби, никогаш нема да ги видиме најблиските, роднините, пријателите.
„Мене зборот трпеза многу ми се бендисува. Тој за мене лично има длабоко значење. Како нешто многу традиционално и важно во мојот живот. И ако не е таа трпеза на која би седнале и со љубов би разговарале мислам дека нема да се видиме никогаш. Со ниеден наш пријател, со брат, сестра, брачен другар... Веќе и брачните другари не јадат заедно. Разделени се. Еден е на едно место, друг на друго. И така настанува разделбата. Многу е жално тоа што ни се случува во последно време, ама јас сепак стојам зад тоа дека без љубов не може ништо да биди“, вели таа.
Катерина знае да каже дека самата пишува многу личносно. Многу отворено. Вели дека на некои тоа и не им се бендисува. И затоа ја прашувале дали е сигурна дека би сакала тоа да биде јавно објавено. Појаснува дека во моментов ја завршува својата трета книга во која пишува за своите поранешни љубови, но дека и таму се провлекува основната мисла: по толку многу промашувања секогаш на крајот се најдува вистинската љубов.
„Станав посмела откако станав повозрасна. Ми се отвори повеќе тој дел од свеста дека не треба да се кријам зад ништо. Дека треба да ги извадам маските. Дека мојот живот не е театар. Значи дека претставата завршила за мене и дека сега треба да си играм живот. И јас во моментот си играм живот. И пишувам и творам искрено. Премногу личносно. Кој што ме познава – добро, а тие што не ме познаваат ќе можат да ме запознаат преку книгите и така ќе можат да влезат во мојата душа. Само на тој начин ќе можат да видат како размислувам, како живеам, како функционирам... Се разбира со поддршка на моето семејство. На мојот сопруг“, вели таа.
Во очекување на публикувањето на делото чиј работен наслов е „Пустина“, Катерина и нејзиниот сопруг новинарот, театарски критичар и писател Борче Грозданов – Пандур, некаде на почетокот на февруари наредната година имаат намера да објават заедничка книга во која отворено ќе говорат за нивното запознавање и за која таа веќе го стокмила својот дел.
„Ние „се разголуваме“ пред публиката. Пред јавноста. Тргнуваме од моментот на првата средба, па преку тоа како се развиваше нашата љубов и како се одвиваа сите наши заеднички патешествија. Секој си пишува за себе, а на средина приказната се спојува и завршуваме со прстените. Мојот дел насловен „Љубов“ е готов, напишан, а на неговиот „Патешествие“ сè уште се чека. Планираме во февруари да излезе книгата и нејзиното појавување да го означиме со голема промоција. Да се направи една голема „свадба“ на 7 февруари на денот на нашата венчавка. Би сакале и тој ден да го вклопиме во целата таа наша сторија“, вели таа.
Инаку, Катерина Грозданова Кети е родена во Прилеп, како што вели, „во старата градска болница при крајот на минатиот милениум – на 4 февруари 1969 година“. По професија е економист, а по вокација поклоник на љубовта. Нејзиното првороденче насловено „На попатнина кон Дома...“ излезе минатата година, а еве ја сега и со втората книга раскази „Трпеза“.
На крајот од својата рецензија за книгата Соња Трајковска Димитровска ќе напише:
Добровечер Кети. Мислев дека те знам одамна. Со кадрава коса, весела. Ама не. Се додека не ја видов трпезата, не те познавав. Ни малку. Оти, едно сме однадвор, друго сме внатре. Навидум е лесно некому да посветиш стих, да дадеш бисерче, едно, од омилениот ѓердан. Не е. Нема ништо поубаво од возвратена љубов, од заеднички поставена трпеза. Од сита душа од љубов. Е, ваква трпеза!