Грчките медиуми за изборите и кризата во Македонија

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски по изборите, Скопје, 12.12.2016.

Проценките во Грција се дека овие избори иако покажале мала политичка промена, сепак во суштина не успеале да помогнат да се создаде соодветна клима за да се надмине двогодишната криза.

„Изборите донесоа продолжување на политичката криза. Во демократиите, генерално може да не постојат безизлезни ситуации. Меѓутоа, во поранешната југословенска Република Македонија, постојат и се овековечуваат преку „безизлезни“ изборни процедури кои ја продолжуваат ситуацијата на безвластие со сѐ негативно кое вклучува таквиот развој на настаните за одолговлекување на останатите отворени прашања и прашања од грчки интерес, како спорот за името“, коментира грчкиот весник „Етнос“ во анализа на изборните резултати.

Проценката на „Етнос“ е дека изборите не успеале целосно да направат промена на политичката сцена во Македонија и постизборниот период, наместо нормализирање на ситуацијата, ќе донесе уште потоксични проблеми.

Изборниот исход, според анализата, отвара две можности и тоа формирање исклучително нестабилна коалициска влада која ќе има мало парламентарно мнозинство, или пак формирање преодна влада за национално единство која ќе ја води Македонија до следни предвремени избори.

Грчката државна телевизија „ЕРТ“ пак, изборниот исход го оценува како пирова победа на ВМРО-ДПМНЕ.

„Иако партијата на Никола Груевски е прва со мала разлика, сепак изгуби голем дел од изборната моќ и парламентарното мнозинство“, се вели во текстот на ЕРТ.

Главното прашање, според ЕРТ, кое требаше да го разрешат изборите беше излезот од политичката криза, нешто што е под знак прашалник дали ќе успее да се случи.

„Она што е извесно е дека државата е во особено интересен постизборен период, во неизвесност дали ќе успее да се формира влада и во каква форма би била таа влада, нешто кое се случува за прв пат во историјата на државата“, додава ЕРТ.

Во Грција денеска погледите се свртени и кон Советот за општи работи во Брисел на кој учествува грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕиас и на кој се очекува да се дискутира и за македонската перспектива во ЕУ.

Очекувањата во Грција се дека особено за Македонија нема да има лоши изненадувања за Атина и коментарите ќе бида во насока на грчките ставови во однос и на Македонија и на Албанија.

Подготви Миркица Поповиќ