До 10 часот гласале 9,49 проценти од регистрираните гласачи. Одзивот е најголем е во третата изборна единица, а најмал во шестата изборна единица, соопштија од Државната изборна комисија (ДИК) на прес конференција. Претседателот на Комисијата, Александар Чичаковски рече дека неколку граѓани се пожалиле до нив дека им е повредено избирачко право.
„До сега немаме информации за поголеми нерегуларности и гласањето на ново на Република Македонија, сите избирачки места се отворени навреме и гласањето тече непречено“, изјави Чичаковски.
Што се однесува пак до гласовите од дијаспората, тие се обработуваат, вели тој и кога ќе ја имаат вкупната информација ќе ја споделат со јавноста.
МОСТ - агитирање и фотографирање на ливчиња
Набљудувачите на Граѓанската асоцијација МОСТ забележале дека неколку гласачки места не биле отворени навреме, дека гласачи фотографирале гласачки ливчиња, имало агитирање, неовластени лица евидентирале гласачи, еден гласач се обидел да гласа два пати.
Извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов вели дека на неколку места било прекршено тајноста на гласањето.
МОСТ има отворено бесплата телефонска линија (080 080 080) за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес. ,
Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со повеќе од 3.000 набљудувачи.
Цивил - Нерегуларности има, но не и случаи на насилство
Набљудувачите на Цивил забележале притисок врз гласачите, непочитување на тајноста на гласањето и непочитување на изборниот молк, изјави Џабир Дерала, првиот човек на невладината Цивил на прес конференција. Од Цивил велат дека до сега не забележале случаи на насилство.
„Гласачите добиваат телефонски повици од партиските штабови ширум земјата, оваа информација ја добиваат повеќе наши набљудувачи, тоа е недозволен притисок врз гласачите“, рече Дерала.
Од Цивил нотирале и евиденција на гласачи од страна на администрацијата или партиски активисти кои стоеле непосредно до гласачките места, а имало и злоупотреба на државни ресурси во партиски цели.
Дерала вели дека дел од нивните набљудувачи добивале и вербални закани, на некои од нив им биле одземени легитимациите за мониторинг или пак им биле фотографирани.
Цивил има распоредено 308 набљудувачи за изборите.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
ОБСЕ - Изборите неопходни за излез од кризата
„Се надеваме дека денеска ќе биде мирен изборен ден без проблеми, бидејќи на Македонија и се неопходни овие избори за да излезе од политичката криза која трае две години, изјави шефот на набљудувачите од делегацијата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Азај Гулијев, по посетата на Избирачкото место 5 во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје. Прелиминарната оценка за текот на изборите ќе биде објавена утре. Гулијев посочи дека имаат 250 краткорочни набљудувачи кои се распоредени низ целата земја. Гулијев го посети избирачкото место заедно Специјалниот координатор одговорен за предводење на краткорочната мисија на ОБСЕ за набљудување на парламентарните избори во Македонија, Роберто Батели. Тој вели дека досега нема информации за какви било недостатоци на избирачките места.
Граѓаните кои ги затекнавме на избирачките места, очекуваат мирен изборен ден.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5