Централните митинзи на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ во Скопје поминаа. И двата митинзи - едниот кај Собранието, другиот кај Владата беа проследени од голем број на поддржувачи на двете партии. Говорите на лидерите долги исполнети со ветувањата за подобро утре по изборите. Но само една партија ќе победи по гласањето закажано за в недела. ВМРО-ДПМНЕ се бори да остане на власт.
„Во моментов стоиме исправени пред многу важна одлука, која за нашата генерација и за Република Македонија има референдумско значење“, рече Груевски.
СДСМ по десет години да дојде на власт.
„Имаме план за живот во Македонија. И ќе има живот во нашата Македонија“, порача Заев.
Владејачката партија им порача на граѓаните дека знаат што е подобро за нив и за Македонија.
„Ќе креираме околу 70.000 нови работни места, а невработеноста ќе се сведе за четири години некаде помеѓу 17 и 18 проценти“, рече Груевски.
Опозицијата пак им понуди живот во Македонија.
„Ова е план за повисоки плати, за просечна плата од 30.000 денари – наместо гола сиромаштија на над 500.000 луѓе“, рече Заев.
Голем дел од времето Груевски и Заев посветија и зошто не треба да се гласа за спротивната политичка опција.
„Има, не 101 туку повеќе од 1001 причина зошто да не гласате за опозицијата и за СДСМ“, истакна Груевски.
„Останувањето на Никола Груевски на власт не носи стабилност, знаете и вие. Носи немир. Никој не е мирен со оваа власт“, рече Заев.
Во едно и Груевски и Заев беа согласни. За иднината на државата ќе одлучуваат граѓаните со својот глас и кој број со пенкалото ќе го заокружат на изборните листи.
„Секој во своето време, секој со своето оружје. Нашето на 11-ти декември се гласот, гордоста, достоинството изразени преку пенкалото и изборното ливче“, рече Груевски.
„Пенкалото во вашите раце на 11 декември“, порача Заев.
Кој ќе стане премиер Груевски или Заев и чија партија ќе победи на предвремените парламентарни избори ќе се знае по гласањето. Некој секако ќе слави. ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ.