Руските барања за азил се во постојан пораст во последните четири години и се речиси двојно поголеми откако Владимир Путин по трет пат седна на претседателското столче. За споредба, годинешните бројки се за 164 отсто повисоки од бројот на барања за азил во 2012 година. Според официјалната статистика на американското биро за внатрешна безбедност, годинава до 30 септември 1.912 Руси поднеле нови апликации за азил во САД.
Дискриминацијата против ЛГБТ заедницата е една од најчестите причини која руските баратели на азил ја споменуваат во апликациите за азил. Адвокатите кои работат со припадници од различни сексуални групи коментираат дека откако Путин во 2013 го донесе законот со кој се забранува „ширење пропаганда за нетрадиционални сексуални односи“, значително е зголемен бројот на ЛГБТ лица од Русија кои бараат азил во САД. Голем број активисти за човекови права предупредуваат дека овој закон, кој меѓународните влади го осудуваат како хомофобичен, е причина за зголемен број напади и криминални дела од омраза против ЛГБТ заедниицата во последните неколку години.
Зголемената дискриминација се гледа и преку случаите кои се пријавуваат во „Immigration Equality“, најголемата организација во САД за правно застапување која им помага на ЛГБТ лица околу прашања за имиграција. Само во ноември годинава 245 лица од Русија прашувале за азил во САД, што е драстично зголемување на интересот ако се земе предвид дека лани во текот на целата година организацијата добила само 199 прашања од Руси.
„Нашите клиенти се повеќе пријавуваат случаи на насилство. Имаме голем број клиенти кои доаѓаат кај нас бидејќи поминале низ некаков вид физички напад во Русија“, вели Памела Дензер, програмски директор во организацијата „Immigration Equality“.
Од организацијата посочуваат дека нивните руски клиенти изразуваат и страв за безбедноста на нивните партнери и деца, како и дека има и пораст во интересот за азил во САД и од другите поранешни советски држави како Украина, Узбекистан и Грузија.
Покрај сексуалната дискриминација, барателите за азил се жалат и на проблеми и притисоци поради корупција. Алена Шауцова, адвокат за имиграциски прашања во Њујорк, вели има случаи на поранешни руски бизнисмени кои избегале од државата бидејќи корумпирани функционери покренале криминални тужби против нив за да им ги преземат компаниите. Шауцова посочува и на друг случај на притисоци каде жена вработена во државна компанија за воздухопловство била малтретирана бидејќи нејзиниот син студира во САД.
„Мајката на мојот клиент ја испрашувале за активностите на нејзиниот син тука во САД. Во суштина и било кажано или да си даде оставка или пак нејзиниот син да се врати назад“, објаснува Шауцова.
Статистиките и во САД, но и во Европската унија покажуваат дека илјадници Руси секоја година бараат азил во обид да ја напуштат Русија. ЕУ и натаму е најпопуларна за барателите на азил. Според официјалната европска статистика, во 2015 имало над 18.000 руски барања за азил во Европската унија, а таа бројка се очекува да порасне годинава бидејќи во првите осум месеци од годинава барања поднеле 11.465 руски граѓани. Русите најчесто одат во Германија и Полска, до кои е најлесно да се стигне со воз. Само во Германија во првите 10 месеци годинава барање за азил поднеле над 10.000 лица од Русија.
Покрај барателите на азил, во пораст е и бројката на оние кои бараат подобар живот надвор од Русија. Според Александар Гребенјук, кој ги проучува миграциските тенденции во Русија, во последните пет години повеќе од половина милион Руси ја напуштиле државата во потрага по подобра работа и повисок животен стандард.
Подготви Миркица Поповиќ