Граѓаните ја имаат моќта во своите раце, ако добро се организираат може да предизвикаат промени во општеството, но клучот е промените да ги започнат со себе. Ова е заклучокот од говорите на граѓанските активисти од регионот кои присуствуваат на дебатата на Форумот на граѓанското општество, во Скопје која ја организираше Македонскиот центар за европско образование.
Луѓето треба да го сфатат сериозно правото за глас и да го искористат, затоа што, ако сакаат промени треба да тргнат од себе и да го преземат првиот чекор, затоа што промените не се случуваат преку ноќ, вели Мелиха Бајрамовиќ од Пленумот на граѓани на Зеница, од Босна и Херцеговина.
„Не може да глумиме дека сите сакаме правда, но потоа сами бараме некои исклучоци. Не може да бараме примена на законот да биде за сите иста, освен кога нас ќе ни се случи нешто и слично. Ние неодамна имавме локални избори и победи независен кандидат, сите беа изненадени, но само 40 проценти излегоа на избори. А кога ги прашавме дел од нив рекоа дека не сакале да гласаат само колку да се каже, немале доволно време за да ги разгледаат подобро кандидатите, што значи дека се буди таа свест дека тоа право на глас е многу важно“, вели Бајрамовиќ.
Луѓето на Балканот имаат повеќе сличности отколку различности. Во целиот регион луѓето живеат лошо, ги етикетираат активистите како странски платеници, неверуваат во нивната желба за промена, а и самите се плашат од општествени промени, вели Уна Хајдари, граѓански активист и новинар од Косово.
„Тоа е еден магичен круг, од владата не довиваат нешто посебно, а тие не сакаат промени, се плашат од промени, затоа што може да добијат уште помалку, а многу малку им веруваат на луѓето што иницираат промени, затоа што се сомневаат дека тоа го прават за некој профит, а не поради искрена цел за некакви промени“, вели Хајдари.
За зголемување на моќта, неопходно е граѓаните да го следат примерот на политичките елити, вели граѓанскиот активист од Албанија, Бесијан Пеша.
„Она со кое демократијата денеска се соочува се многу добро организирани елити, многу добро организирани политичари, многу добро организирани сопственици на медиуми, добро организирани бизнисмени и сите тие заедно носат одлуките во име на демократија, во име на законите, во име на претставување на народот, но често гледаме дека на крај нивниот вистински интерес е да се збогатат. Па како да се справиме со ваквите елити? - одговорот е едноставен, ние да се организираме и тоа многу добро да се организираме“, вели Пеша.
Кога граѓаните добро ќе се организираат тогаш ќе можат и да победат и да предизвикаат вистински промени во општеството, вели Пеша. Тој додава дека последните трендови на протести низ Балканот укажува дека граѓаните се повеќе сфаќаат дека живеат во општество во кое повеќе се посветува внимание на фасадата, отколку на суштина, дека мејснтрим медиумите поголемиот дел од времето лажат, дека повеќе зборуваат и ја конзумираат политиката и тоа преку социјалните мрежи.
„Ако пред 4, 5 години контактите на просечен човек со политика беа за време на телевизискиот дневик во 7 и 30 часот, сега е поинаку. Сега секогаш кога го отворате телефонот, консумирате политика, консумирате и гнев, незадоволство или задоволство, па и мислење на други луѓе, така што будењето на граѓаните, согледувањето на реалноста каква што е навистина станува многу поочигледна, па затоа се помалку се прашуваат дали системот е во право, а се почесто се прашуваат како да го сменат на подобро системот“, додава Пеша.
Мислам дека ние во целиот регион не сме свесни колкава е моќта на граѓаните, затоа што не сме ја имале досега, погледнете го образовниот систем низ кој ние поминавме и безпоговорна послушност на која нè учеа вели Бајрамовиќ.
„Не е веќе ова оној систем каде не смееш да кажеш нешто и одиш на Голи оток, ние имаме право да кажеме ако сметаме дека нешто не е во ред. Не зборувам за употреба на сила или слично, но имаме право да кажеме дека сме против нешто, па макар тоа било и уставна одредба ако сметаме дека е погрешна. Мислам дека во таа борба за подобро утре граѓаните во регионот почнаа да се будат, дека имаат право, дека е сосема поинаков систем, дека доаѓа демократизација, која е процес што трае и не може да се случи преку ноќ“, вели таа.
Но, предизвикот со кој сега ќе се соочат граѓаните е да не дозволат авторитарните или популистичките лидери кои доаѓаат од истиот систем, да ги злоупотребат гневот и организираноста на граѓаните кои се незадоволни од досегашните политики, а сакаат подобро општествено уредување, за да дојдат на власт и само да ја сменат бојата на фасадата, вели Пеша.