Достапни линкови

Будење на граѓанскиот сектор


Илија Балтовски од битолското здружение „За нас се работи“ вели дека пред две години државата по граѓанскиот активизам беше рангирана меѓу последните земји, но ситуацијата се менува.

Сè побудно е граѓанското општество во Македонија кое долги години беше на незвидно ниво. Ова беше посочено на неодамна одржаната трибина во Битола за вклученоста на граѓаните во процесите на носење и имплементирање на одлуките во локалната самоупрва. Илија Балтовски од здружението „За нас се работи“ вели дека пред две години државата по граѓанскиот активизам беше рангирана меѓу последните земји, но ситуацијата се менува.

„Податоците од 2014 покажуваат дека граѓанското општество во Македонија било на незадвидно ниво. Од 130 рангирани земји, ние сме биле на 106 место. Сведоци сме дека веќе директно во одлуките на она што треба да се случува понатаму делува граѓанското општество“, изјави Балтовски.

Во изминатите години имаше повеќе здруженија кои работеа на проекти и теми кои воопшто во фокусот не ги имаа реалните проблеми на граѓаните и не беа коректив на власта. Во последно време сè повеќе граѓански организации се охрабруваат преку дебати, трибини, па и протести да се изборат за поголема демократија, здрава животна средина, права на пациенти и други значајни сегменти од општественото живеење. Во нив сè почести се младите членови. Но, некои поради критиките кон власта се наоѓаат на удар и се етикетирани.

Ниедна власт во Македонија во изминатите две и пол децении не го прифатила граѓанскиот активизам како коректор на сопствените грешки, вели Синиша Станковиќ од „Цивил“.

„Ни една политичка партија во овие 25 години или четврт век кои Македонија ги изарчи залудно, заостанувајќи дури и зад државите од Балканот со кои некогаш живееше заедно, не го прифаќа граѓанскиот активизам онака како што треба, како подржувач и коректор на сопствените грешки. Граѓанскиот активизам е обичен изблик на незадоволството на граѓаните и на огромните разлики на она што им се ветува во предизборните кампањи и реалноста која ја живеат меѓу два изборни циклуса. Лажните ветувања го постигнаа совршенството во Македонија. За жал цела деценија живееме во една вируелна приказна, странски инвестиции кои се издишани балони, а обичниот човек живее сè полошо. Токму затоа ова будење на граѓаните проследено со демонстрации и протести“, вели тој.

Иако граѓанскиот сектор бараше да биде вклучен во преговорите во Пржино, не им го дадоа петото столче.

„Петтото столче немаше ништо да реши, ако тоа беше столче за граѓански активист, тој редовно ќе беше надгласан од четворицата партиски униформирани членови кои за жал ќе бидат спроведувачи на волјата на партиските раковоства, а не на членството“, додаде Станковиќ.

Во Македонија има околу 6000 невладини организации, од кои се смета дека помалку од 800 се активни. Во Битола ги има 240, од кои дваесетина се појавуваат во јавноста со почести проекти. Младите сè почесто се вклучуваат во НВО секторот.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG