Судот денеска ја прекина мерката куќен притвор за членовите на партијата Левица, Здравко Савески и Владимир Куновски. За двајцата, кои беа во притвор 45 дена, сега е изречена мерка претпазливост, односно одземени им се пасошите и треба да се пријавуваат во полиција во одредено време.
Во Македонија има безбедносна криза, но од причина што државните органи се користат за лични интереси, а не за државни.Владимир Куновски, Левица
„Судот многу принципиелно постапи и го почитуваше законот кога го укина притворот на денешното рочиште за главна расправа, бидејќи, како што посочивме, немаше причини за вакво дело во скратена постапка воопшто и да има притвор, меѓутоа кога веќе имаше, од сите можни законски претпоставки тоа се јави беспредметно“, рече нивниот адвокат Сашо Дуковски.
Куновски, пак, по судењето, во име на Левица, се заблагодари на, како што рече „раководството на партијата во стечај ВМРО-ДПМНЕ“, затоа што им направиле голем маркетинг.
„Во Македонија има безбедносна криза, но од причина што државните органи се користат за лични интереси, а не за државни. Само како илустрација би навел дека при нашето приведување беа присутни 12 припадници на Алфите и во првите денови од нашето приведување јас избројав до 17 различни униформирани полицајци кои ми дојдоа на домашна адреса“, рече Куновски.
Судскиот процес за двајцата обвинети за демолирање на Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов на протестите против аболицијата на 13 април ќе продолжи на шести јули. Одбраната го спореше вештачењето, кое, според нив, не било подготвено во согласност со законската процедура, односно го подготвил Државен правобранител без писмена наредба од Јавен обвинител. Според адвокатите, и во имотните листови за Народната канцеларија на претседателот никаде не пишувало дека сопственик е Република Македонија.
Додека траеше рочиштето, пред Кривичниот суд десетина граѓани се собраа да им искажат поддршка на Савески и Куновски.
Протестите продолжуваат и денеска откако од понеделникот се паузираше со вообичаеното собирање секој ден во 18 часот пред просториите на Специјалното јавно обвинителство. Во меѓувреме, Шарената револуција организираше блокади на три крстосници во Скопје.
„Не одевме само кон блокади, одевме кон зголемување на палетата на протестни активности и начини на изразување на граѓанскиот револт, во вторникот имавме блокади, вчера имавме герила акција на крстосница па продолжуваме со протестите. Значи не станува збор за престанување и за повторно враќање на протестите, туку станува збор за внесување на нешто различно“, вели Павле Богоевски, активист од Шарената револуција.
На својата страница на социјалната мрежа Фејсбук од таму најавија дека ова е нов крик, нагласувајќи дека поминаа четири дена откако прецизно ги испорачале нивните црвени линии и рокови, а Власта, Уставниот суд и, како што напишаа, органите на прогонот молчеле.
До 18 јуни тие бараат Уставниот суд мора да се произнесе за уставноста на СЈО и да бидат ослободени сите приведени демонстранти, а сите пријави од МВР да бидат повлечени.