Како да се намали невработеноста на младите

Луѓе патуваат, аеродром.

Загрижувачка е стапката на невработеност на младите во Македонија. Познавачите на состојбите велат дека проблемот треба да биде главен приоритет на идната влада, која ќе направи реформи во образовниот систем и негово усогласување со пазарот на труд.

Најголем број млади во Македонија избор на професија прават за време на средното или по завршувањето на основното образование. Тие сметаат дека имаат доволно знаање за струката која ја избрале, но сепак во моментов над 50 отсто од нив се невработени, поради што исто толкав процент размислуваат и се подготвени да ја напуштат земјава.

Ова се резултати од истражувањето на фондацијата Фридрих Еберт за невработеноста на младите во Македонија, чија цел е да се подобри состојбата со невработеноста на младите и да запре нивното заминување во странство.

За таа цел се испитани ставовите на над илјада млади луѓе, на возраст од 14 до 29 години, за образованието, работата, професионалната определба и нивните лични карактеристики.

Најголем број од младите велат дека најголемо влијание врз изборот на професијата имаат нивните родители, секој втор млад човек очекува да работи за плата, а секој трет очекува да основа сопствен бизнис. Околу 40 отсто од младите сакаат да работат во државна администрација, исто толкав број имаат амбиции да работат во приватна компанија.

„Резултатите покажаа дека пред сè потребни се инти реформи во образовниот систем и негово усогласување со потребите на пазарот на труд. Неопходно е кариерно советување на младите, бидејќи имаат многу малку познавање за тоа нивната професија во која индустрија припаѓа, кои се водечки фирми во таа индустрија, колкава е минималната, просечната и највисоката плата“, вели Нита Старова од фондацијата Фридрих Еберт.

Таа додава дека, според резултатите, владините мерки за справување со невработеноста се оценети негативно и оти комплексниот проблем со невработеноста на младите треба да биде главен предизвик на новата влада.

Професорот од Економскиот факултет во Скопје, Драган Тевдовски, кој е и член на СДСМ, вели дека владините политики во изминатите години не дале никаков резултат и затоа според него за минумум три пати треба да се зголемат средствата од буџетот за активно вработување на младите.

„Исто така во секоја поголема општина би требало да се отвори стартап центар каде што државата ќе даде бесплатен простор и услуги, како на пример сметководство и оддржување на повеќе новоосновани компании. Со тоа на младите би им се дала некоја можност да започнат бизнис“, вели Тевдовски.

Тој смета дека за полесно вработување на младите во земјава, треба да се ослободи деловната клима и да престанат партиските и политички притисоци кон компаниите.