Урбано Скопје, од 10 до 19 ноември, повторно ќе биде во филм. Ќе се буди и ќе заспива со програмата на 15-то издание на „Синедејс“, манифестацијата која од самиот почеток до денес, со паметен одбир на дела и несекојдневни придружни настани, со сеопфатноста, упорно се обидува да се справи со стигмата на т.н. „здодевен европски филм“. И, богами, успева во тоа. Во намерите да не отргне од летаргијата, од буништарските политички калкулации и да ни ги прошири видиците. Да ни ја врати вербата во вистинските вредности. Од таму и слоганите за годинава како „ Европски филм... го чекаш цела година, го снемува за 10 дена!“, „ Европски филм... долго се плете и тешко се расплетува“, „За подобра циркулација“...
Според редот на нештата, кога би зборувала фактографијата – сликата би била ваква. Осум филмови во официјалната програма и шест во селекцијата балкански филмови (СинеБалкан), како и 25 во гала-програмата ќе бидат магнетот што ќе ја дели публиката во триаголникот „Милениум“, „Фросина“ и Џебно кино на Младинскиот културен центар. Фестивалот на европски филм „Синедејс 2016“ свечено беше отворен со „Дневникот на машиновозачот“ на Милош Радовиќ, филмот добитник на награда од публиката на фестивалот во Москва во кој само за него напишаната главна улога ја толкува Лазар Ристовски, а завесата ќе биде спуштена со копродукцискиот „Устав на Република Хрватска“ на Рајко Грлиќ.
Во официјалната селекција се летонскиот „Жив песок“ на Ренарс Вимба (добитник на специјалното Гран при од жирито на фестивалот во Монтреал), белгискиот „Галопирачки ум“ на Вим Вандекејбус, германско-ирачката-катарска копродукција „Куќа без покрив“ на Солен Јусеф, „Влажност“ на Никола Љуца (најдобар филм на ФЕСТ), унгарскиот „Убијци на тркала“ на Атила Тил (овенчан на фестивалите во Карлови Вари, Лондон, Чикаго, Остенде, Хаифа...), рускиот „Птичка“ на Владимир Бек, „Кривина“ на Рифги Асаф и германско-австрискиот „Тони Ердман“ на Романецот Марен Аде кој зад себе има веќе дузина награди во Кан, Брисел и така со ред до номинацијата за европски оскар.
Не помалку возбудлив е и одбирот на филмови за селекцијата „СинеБалкан“, каде се најдоа дела на Мирјана Карановиќ, Дане Комљен, Елиза Петкова, Ајсе Унал и Мехмет Куртулус, Хана Јусиќ и конечно Иван Мариновиќ, кој ја потпишува црногорско-македонската копродукција „Игла под прагот“ со актери како Никола Ристановски, Богдан Диклиќ, Јелисавета Саблиќ и музика на нашиот Тони Китановски.
Во гала-програмата, пак, за која вообичаено се бара карта повеќе, се најдоа наслови како „Сол и оган“ на Вернер Херцог, „Патерсон“ на Џим Џармуш, „Аве, Цезар“ на браќата Коен, „Комуна“ на Томас Винтерберг, „Убавите денови во Аранхуез“ на Вим Вендерс, „Кафе-друштво“ на Вуди Ален, „Хулиета“ на Педро Алмодовар, „Таа“ на Пол Верховен, „Аргентина“ на Карлос Саура, „Рај“ на Андреј Кончаловски и уште еден куп други на вонресирски филмски творци.
Од близина демне и селекцијата „МК во ЕУ“ со три филма со копродукциско учество на нашава земја - романскиот „Сиера Невада“ на Кристи Пуиу, словенечкиот „Ноќен живот“ на Дамјан Козоле и „Уставот на Република Хрватска“ на Грлиќ, за кој музиката ја напиша Дуке Бојаџиев.
Згора на тоа ќе има и селекција на кратки филмови, студентска програма, детска програма со синхронизирани филмови, ЛГБТ филмови, програма за 101 година од раѓањето на Орсон Велс, како и богата придружна програма во која се неколку работилници - за стоп-анимација, драматургија, продукциски дизајн...
„Што значи за овој град и нашата држава еден ваков фестивал? Значи онолку многу колку што сме жедни за култура генерално. Тоа значи и 15 години дружба со најактуелното филмско творештво од Европа, од Балканот, а и од светот во Гала-проекциите кое ги задоволува критериумите, вкусовите и што е најважно потребите на граѓаните на град Скопје. Без овој Фестивал би биле многу, многу за култура посиромашни. Затоа од лично искуство можам да кажам: Доаѓајте на филм оти ова, како што вели слоганот, го има само еднаш годишно и брзо го снемува“, вели Влатко Галевски, филмски проследувач, модератор на трибините и разговорите и претседател на жирито на Конкурсот за филмска критика.
Инаку, селектор на натпреварувачките програми (Официјалната и СинеБалкан) е Бернд Будер, а за наградите ќе одлучуваат две жирија - Чедомир Колар, Зринко Огреста и Игор Иванов - за осумте филмови од Официјалната програма и Если Ердем, Нина Раковец и Дамир Чучиќ - за шесте филмови од СинеБалкан.