Доцевски со фотоархива за континуитетот на човечкото постоење

Триесетина тематски дела ја чинат седмата самостојна изложба на уметничка фотографија на Душан Доцевски, што од 27 октомври до 9 ноември, се одржува во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово. Станува збор за постановка за која се вели дека претставува своевидна „визуелна фотоархива која сведочи за континуитетот на човечкото постоење“.

При првата средба со најновиот фотографски опус на Душан Доцевски, неодминливо е чувството на носталгија и тага произведено од документираните артефакти коишто се предмет на интересирање и обработка на авторот. Како ретко кога, на овие фотографии се чувствува силата на времето со сите свои атрибути на менливост и минливост, на деструкција и трансформација коишто од реалноста прават трага и како таква третирана од авторот Доцевски таа се претвора во фотозапис кој, како документ, помага да архивираме определен период во нашите сеќавања. Таа визуелна фотоархива сведочи за континуитетот на човечкото постоење пуштајќи го гледачот да навлезе преку еден мал сегмент (архитектура, екстериер, ентериер, предмети за секојдневна употреба, детали од фолклорот и сакралната архитектура) од тој период во начинот на размислување на луѓето - креатори на тие артефакти.

Ова, меѓу другото, ќе го забележи историчарот на уметност Роберт Цветковски во својата рецензија за самостојната изложба на уметничка фотографија на фотографот Кандидат мајстор по фотографија Душан Доцевски, што од 27 октомври до 9 ноември се одржува во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Цветковски дополнува дека притоа посебно плени изборот на специфични детали и фактот дека истите се поврзани со просечниот сиромашен рурален човек којшто секогаш го преферирал евтиното и практичното пред естетското и скапото. Оттука тој заклучува дека авторот „допира еден сегмент којшто ретко кога бил експлоатиран како тема за фотографска изложба имајќи во вид дека се работи за една постапка на извлекување на определени, осмислени и внимателно кадрирани сцени коишто, дадени во една целина на таа просторна реалност, не привлекуваат некое посебно внимание“.

Говорејќи за постановката, Доцевски вели дека на неа е застапена архитектурата на една рурална, но богата со историски локации кумановска општина притоа тргнувајќи од Кокино, па преку Карпино, црквата од 13 век Свети Ѓорѓија и така со ред. Дополнува дека станува збор за сегменти од селски мотиви, за автентична архитектура и како пример за тоа го наведува прозорот кој е обработен „како кој го затворал и тогаш кога не му требал...“

„Настаните, ликовите, обележјата од времето – тоа се мојата пасија од моментот кога првпат почнав посериозно да се занимавам со фотографија. Навлегувам во настаните, навлегувам во психата и социјалниот немир на човекот. Влегувам во душата и тоа ми е најголемото задоволство. Кога ќе влезам и од таму ќе го исцицам она што ми е највредно – дали од настанот, дали од човекот, дали од архитектурата како во овој случај“, вели тој.

Душан Доцевски со фотографија почнал да се занимава во почетокот на 1980-те од кога датира и неговата излагачка дејност. Долго време бил член и еден од едукаторите во Фото-кино клубот „Козјак“, а во 2010 година при Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово ја формира и води Фото-арт групата „Ф7“. Член е на Фото сојузот на Република Македонија и многупати се јавува како организатор на изложби од клупски, државен и меѓународен карактер. Потписник е и на неколку летни школи за уметничка фотографија (Врановци 2000 и Самоков 2001 година), а учествувал на сите биенални изложби под патронат на FIAP. Звањето Кандидат мајстор го добил во 2012 година, а годинава, со својот авторитет, застана зад Првата фотоколонија одражана во Старо Нагоричане.

Доцевски е познат како автор на фотографии на повеќе тематски целини, но посебен предизвик му преставува портретот во којшто се обидува да ја прикаже психо-социјалната состојба на портретираниот користејќи го природниот амбиент којшто, пак, ја надополнува приказната и сцената ја чини поуверлива и поавтентична.

„Настојувам да го прикажам човекот, дел од моментот , годината, неговата социјална душа, неговото битисање на улицата, времето, настаните, сето тоа одбрано во еден момент, во една секунда, во времето во коешто ние живееме“, ќе рече фотографот.

Конечно, Доцевски се надева дека неговата изложба, којашто патем се организира во рамките на клупската презентација на Фото-арт групата „Ф7“, ќе добие поголема застапеност не само на културната сцена во неговиот град туку и воопшто во поголемите урбани средини во земјата.