Прашањето - Ќе има ли избори на 11 декември се уште е отворено, и покрај декларативните изјави на партиите дека се подготвени за соочување. Прашањето повторно се наметнува откако партијата Унитети поднесе иницијатива до Уставен суд за оценување на уставноста на решението за распишувањето на изборите. Според партијата, се крши Уставот, оти нема балансираност на изборните единици, односно во Шестата изборна единица има огромни отстапувања во бројот на гласачите.
Аналитичарот Арсим Синани вели дека проблемот со шестата изборна единица е реален, но власта досега не беше спремна да го реши.
„Меѓутоа јас не гледам кај овие политичари кои ја доведоа Македонија во оваа ситуација да ги решат овие проблеми и ќе треба да помине многу време да се департизираат институциите во Македонија, за да можеме да се договориме за тие работи за кои би требало да се договориме, за да немаме вакви проблеми, какви што ни се појавуваат денеска. Меѓутоа од овие политичари, од ова брашно, овој леб ќе го јадеме“, вели Синани.
Тој вели дека во ваква политичка ситуација на сите им одговара да се одложат изборите.
„Па сите се исплашени да бидеме конкретни. На никому, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на ДУИ, на СДСМ, ниту на ДПА, ниту на новите политички партии кај Албанците не може да им се гарантира што ќе се случи утре, но мислам дека одложувањето на изборите им одговара на сите, оти не знам колку се подготвени за коректни избори.“
ДУИ пред да се распушти Собранието спомена за иницијатива за решавање на проблемот со Шестата изборна едниница, но нивниот предлог формално не беше поднесен до Парламентот. И според лидерот на ДПА, Мендух Тачи, Шестата изборна единица останува голем проблем. Но по неодамнешната средба со американскиот амбасадор Џес Бејли, Тачи изјави дека со совет на меѓународната заедница, нема да прави проблем да не се оди на избори, затоа што, како што рече, не сака да биде алиби на некој што навистина не сака да има избори во Македонија.
Професор Темелко Ристески не верува дека Уставниот суд ќе ја уважи иницијативата што ја поднесе Унитети, оти како што објаснува Уставниот одлучува за уставноста и законитоста на општи акти, закони, подзаконски прописи, уредби, правилници , наредби, упаства – се што е општ акт.
„Овде се работи за конкретен акт, така што верувам дека иницијативната ќе биде одбиена, нема да помине во Уставниот суд“, вели Ристески.
Тој вели дека луѓето пред да поднесат иницијатива до Уставен многу често се во дилема дали нешто е општ или конкретен акт, па така и во овој случај.
„Веројатно логиката им е дека се работи за акт од општо значење. Граѓаните кога поднесуваат иницијативни поаѓаат од тоа дека се работи за општо значење за сите граѓани на Република Македонија, тоа треба да се цени општо значење, меѓутоа се однесува на конкретно дејствие и конкретен орган, па така не може да се третира како општ акт“, вели професор Ристески.
И од Државната изборна комисија во неколку наврати повикаа да се регулираат границите на изборните единици, оти во спротивно се доведува во прашање еднаквоста на гласот на граѓаните.