Достапни линкови

Роковите течат, партиите кројат листи со кандидати


Гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори 2014 на 27 април 2014
Гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори 2014 на 27 април 2014

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ги распиша предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на 11 декември. Роковите почнуваат да течат, а партиите се во интензивни консултации за составување на кандидатските листи.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска го потпиша решението за распишување на предвремените парламентарни избори. Претходно тој се сретна со претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски.

По распишувањето почнуваат да течат роковите за изборите на 11 декември. Со оглед на тоа дека тие се предвремени, според Изборниот законик, сите рокови се кратат за пет дена, освен рокот за изборна кампања кој трае 20 дена. Тоа значи дека партиите кампањата ја почнуваат на 21 ноември и таа трае 24 часа пред денот на гласање.

25 дена, пак, пред одржувањето на изборите на 11 декември партиите треба да ги достават во Државната изборна комисија листите со кандидати, а до 18 ноември ДИК треба да ги објави листите во дневен печат. Засега од двете најголеми партии од македонскиот блок не откриваат многу за тоа кој се ќе се најде на нивните листи. Очекувањата се дека е можно да има изненадувања.

Во пресрет на кроењето на листите евроамбасадорот Самуел Жбогар порача дека на кандидатските листи не смее да има толеранција за корупцијата. Ова во дел од јавноста беше коментирано пред се како порака до владејачката партија, бидејќи дел од нејзиното раководството е опфатено со некои истраги кои ги води Специјалното јавно обвинителство.

„Во моментов се уште се во тек внатрепартиски анализи и согледувања со цел најдобрите кандидати да ја побараат поддршката од граѓаните како би можело да се достигне оптималниот резултат, односно освојување на 63 пратенички места“, вели портпаролот на партијата Иво Котевски.

И од СДСМ за тоа со кои личности ќе се обидат да ги добијат изборите не откриваат многу. Очекувањата се дека на листите може да се најдат и некои активисти од Шарената револуција, но и истакнати интелектуалци и експерти. СДСМ заедно со своите коалициони партнери, но и со сите граѓански организации,асоцијации, останати политички партии е во интензивни консултации, вели портпаролот на партијата Петре Шилегов.

„Оваа битка не е битка на СДСМ против ВМРО-ДПМНЕ, оваа битка е и мора да биде исклучиво битка на Македонија против Никола Груевски. Секој поединец или секоја организација која што може донесат конечна победа над режимот на Никола Груевски ќе бидат добредојдени на листите на Социјалдемократскиот сојуз“, вели Шилегов.

Промени се можни на листите и на ДУИ особено откако партискиот лидер Али Ахмети реши да ги повлече сите министри од владата и да предложи нови лица. Претходните министри, пак, беа кандидати за пратеници од партијата.

Според роковите за изборите, МВР ги доставува бараните податоци за граѓаните до ДИК, потоа комисијата доставува барање до Министерството за информатичко општество и администрација за доставување податоци за вработените во државната и во општинската администрација, кон крајот на месецов избирачкиот список се става на јавен увид кој трае 15 дена. Следниот месец ДИК треба да ги објави описите на изборните единици, потоа избирачкиот список им го доставува на политичките партии, а тие, во рок од пет дена мора да достават барање за запишување, дополнување или бришење податоци. На крајот на ноември комисијата го потпишува избирачкиот список, врз основа на кој ќе се гласа на 11 декември.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG