Во Македонија се уште постојат недостатоци во генералната комуникација меѓу етничките заедници. За подобрување на состојбите за повеќе прашања во оваа област, Европската унија им додели 1,8 милиони евра на повеќе невладини организации. Мултикултурна демократија, интегрирано образование се дел од темите, но фондацијата „Претприемачки сервис за млади“, изработи студија за надминување на разликите кои постојат во соработката меѓу младите претприемачите од различните етникуми замјава.
„Мултиетничкото претприемништво, што е главната нишка на целиот проект, се обидува да ја зајакне врската помеѓу претприемачите од различните етнички заедници, се со цел зајакнато застапување и соработка којашто ќе придонесе за подобрување на состојбата со овој аспект од општеството“, вели Александар Филиповски од фондацијата „Претприемачки сервис за млади.“
Во студијата е наведено дека поголем дел од испитаните млади бизнисмени, рекле дека имаат соработка со претприемачи до различна етничка заедница, но сепак од Фондацијата посочуваат дека се потребни дополнителни напори во оваа насока, особено во областа на комуникацијата.
„Студијата покажа дека постои и одредена бариера кога се работи за комуникацијата меѓу претприемачите од различни етнички групи. Сметаме дека треба да се направат дополнителни напори како ова треба да реши. Ќе бидат предвидени мерки и активности подоцна во текот на имплементацијата на проектот, како овие проблеми би се решиле. Дали тоа би биле одредени платформи коишто ќе го олеснат процесот на комуникација помеѓу младите претприемачи, дали тоа ќе бидат настани кои што ќе послужат за вмрежување на младите претприемачи од различни етнички заедници“, вели Филиповски.
На младите им е потребно и поголемо ниво на меѓусебна доверба, се вели во студијата. Потребно им е здружување на нивните знаења и размена на идеи, тие се жалат и на бизнис климата во земјава. Дел од нив, претприемачката клима во земјава ја оцениле како неповолна, посочувајќи дека се потребни олеснувања во даноците, во осигурувањето на работници и во советувањето за младите како да почнат сопствен бизнис.