Достапни линкови

Бурни времиња, па потребна е будност


Постои хармонија меѓу религиите во Македонија и нема простор за верски екстремизам, но времето е бурно и треба да бидеме будни, велат од ИВЗ.

Нема опасност од верски екстремизам во Македонија, велат од Исламската верска заедница, бидејќи земјава отсекогаш била пример за соживот. Нема опасност и од терористички акции, како оние со кои што се соочи Европа во последно време. Поглаварот на ИВЗ Реис ул Улема, Ефенди Сулејман Реџепи, вели дека постојано се активни на терен на ниво на цела Македонија и верскиот екстремизам не е присутен и не очекуваат негова појава, не само во рамки на исламската заедница, туку и во другите заедници.

„Објективно нема и зошто, со оглед на тоа дека односите меѓу верските заедници, јас сум рекол и повеќе пати, се на ниво. Постои почит и една хармонија помеѓу верските заедници без оглед на која вера и припаѓаат. Јас гледам дека во Македонија нешто такво организирано апсулутно не постои во рамките на исламската заедница, меѓутоа треба да се внимава, оти времето е такво и секогаш треба да бидеме будни“, вели тој.

Универзитетскиот професор Стојан Славески истакнува дека во Македонија која е мултирелигиска држава постои сожителство и признавање на потребата на другиот да ја искажува својата религија и да ја практикува.

„Меѓутоа овие процеси што се случуваат пошироко во нашето опкружување во Европа, особено ова што се случува со верскиот екстремизам на Блискиот исток не може да не се почувствува и тука кај нас во Македонија. Особено тука зборувам за одредени припадници на исламската верска заедница, кои што поттикнати од одредени религиозни чувства се упатуваат на боиштата во Сирија и Ирак и таму за одредени верски мотиви се подготвени да се борат и да го загубат и својот живот“, вели Славески.

Според него, тие процеси немаат некоја силна димензија и тука е важна улогата на ИВЗ и меѓурелигискиот дијалог, но и покрај добрата пракса секогаш треба да се биде внимателен во таа насока, бидејќи се работи за чувствителни прашања.

„Одредени елементи понекогаш може да направат голема штета. Одредени непромислени изјави од страна на верските лидери или политичарите можат да ги заострат односите и оттука треба државата и понатаму да води сметка и да посветува соодветно внимание на ова прашање“, вели Славески.

Реисот Реџепи потенцира дека не очекува на Македонија да се случи напад предизвикан од верски екстремизам, иако постојано се алудира дека на земјата и се заканува таква опасност.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG