Скепса за спроведувањето на препораките на Прибе

Премиерот Емил Димитриев на состанок со раководниот тим на МВР, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменикот Агим Нухиу, дополнителниот заменик Оливер Андонов и директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков на 18 октомври 2016

Како собирање на политички поени во предизборие и обид за враќање на довербата во институциите, експертите гледаат на најавите за политички консензус за спроведување на препораките на експертската група предводена од Рајнхард Прибе.

Една и пол година беше потребно за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да се договорат дека треба да се започнат со воведување на квалитетна контрола на работата на безбедносните служби. Односно се договорија дека треба да се најде начин повеќе да не се дозволи партиско злоупотребување на овој клучен сектор за општеството. Досега за тоа имаше неколку шанси со оглед на тоа што техничкиот премиер Емил Димитриев е на функција речиси една година, а Оливер Спасовски втор пат седна на министерското столче.

Универзитетскиот професор Осман Кадриу вели дека од една страна тајмингот за политички консензус за спроведување на препораките на експертската група предводена од Рајнхард Прибе може да се толкува како собирање политички поени во предизборие и обид за враќање на доверба во институциите. Но од друга страна, пак, не треба да се заборави дека во корупцијата, криминалот и злоупотребата на безбедносните служби според прислушуваните разговори се инволвирани и членовите на извршната власт, објаснува Кадриу, кој додава дека токму со тоа може да се објасни недостатокот на политичка волја за спроведување на Итните реформи.

„Зошто баш во овој момент? И во овој дел мислам дека има конкретни упатства од надворешниот фактор, дека мора да се почне од некаде, и ете како да постигнале некаква согласност да се покрене оваа постапка за овие појави да почнат да се санкционираат вклучувајќи од Министерството за внатрешни работи“, вели тој.

Од друга страна, шефовите на Министерството за внатрешни работи на работната средба со премиерот Димитриев истакнаа дека ќе биде потребна уште најмалку една година за стратегијата која се уште се изготвува да се спроведе.

Но, Кадриу додава дека е песимист оти постапките кои се најавуваат за преструктуирање на безбедносниот систем целост ќе бидат квалитетно спроведени, затоа што досегашната пракса покажала дека треба да се очекуваат опструкции налик на тие со кои се соочуваше Специјалното јавно обвинителство.

Во извештајот на германскиот експерт Рајхнард Прибе објавен во мај лани е нотирано дека Управата за безбедност и контраразузнавање работи надвор од законскиот мандат во име на власта за да ги контролира носителите на високи функции во администрацијата, обвинителството, судиите и политичките противници. Прислушуваните разговори кои ги објави опозицијата според квалитетот, опсегот и бројноста се се направени во просториите на разузнавачката служба, со што се направени нелегално надвор од судска и законска постапка.

Потоа дека причините за одолговлекувањето на скандалот со прислушување треба да се бараат во концентрацијата на моќта во националната безбедносна служба и во злоупотребата на механизмот за надзор над УБК. Управата за безбедност и контраразузнавање има монопол над користењето на опремата за следење во разузнавањето и во кривичните истраги, а со тоа е ексклузивно право следењето да го врши во свое име, во име на полицијата, Царинската управа и финансиската полиција со што може да поткопа независноста обвинителската истрага е нотирано во извештајот.

Според препораките од Прибе, треба да се ускрати правото УБК да може дирекно и слободно да ги следи комуникациите, односно телекомуникациските оператори да ги активираат или пренасочуваат сигналите за следење до надлежните органи ( полицијата, Царинската управа и Финансиската полиција, Управата за безбедност и контраразузнавање, Агенцијата за разузнавање и одделот за воена безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана) само по добивањето на релевантна судска наредба и само за целите на законското прислушкување. Тоа значи дека под кои било околности УБК не треба да има практична можност за директно пресретнување на комуникациите. Се препорачува вработувањето и селекцијата на службата да се заснова на строги критериуми на заслуги и интегритет, имајќи ја предвид чувствителноста на разузнавачката работа и заштитата од конфликт на интереси. Дополнително се препорачува и намалување на големиот број на вработени и опрема кои се на располагање на УБК поради малиот број на судски наредби за следење на комуникациите. Треба да се обезбеди и добро обучен оперативен кадар кој ќе ја контролира и набљудува работата на разузнавачките служби.

Кадриу вели дека ако се спроведат овие препораки на Прибе во министерството за внатрешни работи тоа ќе влијае позитивно врз безбедноста и стабилноста на Македонија.

„Ако тоа не се стори, ако тоа не се заврши, ако не се елиминира, ние нема да имаме стабилност, безбедност на државата, се доведуваат и во прашање остварувањето на правата на граѓаните. Затоа што кога имаме ваков криминал, ваква корупција, сериозно се поткопуваат и економските темели на земјата. За да се отстранат проблемите потребно е да се активираат механизамите на одговорност, затоа што без одговорност ќе имаме, како што имаме и сега, а тоа е анархија во целата држава“, вели Кадриу.

Опсегот на незаконското снимање на разговорите, концентрацијата на моќта во рамките на УБК, широките надлежности во мандатот на УБК кои дополнително биле надминати и дисфункционалноста на надворешниот надзорен механизам резултираа со бројни прекршувања на законите и правата на граѓаните во Македонија. Скандалот со прислушувањето откри масовно прекршување на основните права, вклучително и правото да се учествува во јавните работи и правото на глас, правото на еднаков пристап до јавните услуги, правото на приватност и заштитата на личните податоци, како и правото на независно и непристрасно судење, е наведено во извештајот на Прибе.