Сите партии си оставија алиби за пораз на изборите

Гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори 2014 на 27 април 2014

Нерешавањето на прашањето за редефинирање на изборните единици го доведува во прашање легитимитетот на изборите. Тоа им одговара на сите партии, зашто поразениот ќе има алиби да тврди дека изгубил на нелегитимни избори.

Веќе е јасно дека и овие избори ќе поминат без да се затвори прашањето за редефинирање на изборните единици, особено шестката за која и Државната изборна комисија се изјасни дека има отстапување во однос на бројот на запишаните гласачи. Ваква иницијатива неодамна покрена и координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, но неговиот предлог формално не беше поднесен до Собранието, оти партиите не успеаја да се усогласат за ова прашање. Џафери вели дека пристапот на партиите кон ова прашање бил различен и имало повеќе идеи и предлози, кои сепак не завршиле со конечен договор.

Но, упатените во оваа област велат дека нерешавањето на ова прашање го доведува во прашање легитимитетот на изборите по основ на законитоста.

„Со оставање на едно вакво прашање отворено, се остава простор за калкулации односно немање на чиста слика каков резултат се постигнал на изборите. Сметам дека политичките партии се ставија во ситуација, која била партија доколку не се согласува со изборниот резултат, посебно во шестката, да ги прогласи изборите за нелегитимни, од причина што имаме поголем број на гласачи во однос на останатите единици“, вели политичкиот аналитичар Митко Гаџовски.

Повеќе од потребно е решавањето на вакви крупни прашања, се согласува и професорот Алајдин Демири, според кој пак создавањето, а не решавањето на проблемите е заштитен знак на двете владејачки партии.

„Сево ова е стратегиска ориентација, особено на власта. Со незатворањето на прашањето за изборните единици, СЈО и избирачкиот список се остави пат, односно политичка подлога тие избори кој било во иднина да ги прогласи за невалидни и да ги бојкотира. Мислам дека владејачките партии оставија многу отворени врати, за да можат после изборите да се жалат,“ вели Демири.

Експертите се согласуваат дека ревидирањето на изборните единици ќе влијае врз конечните резултати од изборите. Не може еден мандат да се добие со плус десет проценти, а друг со минус десет, велат тие и додаваат дека затоа е важна избалансираноста на изборните единици.

„Некако преќутно сите партии не обрнаа големо внимание на вака клучно прашање. Затоа што се ставаат граѓаните во нееднаква позиција, а тоа на крајот може да влијае врз конечниот исход од изборите со тоа што би се освоиле плус или минус пратеници во шестата изборна единица од одредена етничка заедница“, заклучува Гаџовски.

Изборниот законик предвидува бројот на запишаните гласови во шестте региони во земјава да не отстапува повеќе од пет проценти. Според последните податоци на ДИК, во шестата изборна единица има отстапување од 5,28 отсто.