Опозицијата е деструктивна и работи против Македонија
Во период до избори од опозицијата и нивните поддржувачи не може да очекуваме ништо друго, освен хаотичност, деструкција, обиди за провокација, СЈО, да излезат на улица, но силата им ја видовме, тоа ќе биде нешто видено, немаа поддршка и аргументи, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски пред присутните на партискиот собир во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
„Ќе сторат сè да нè испровоцираат, да фрлат сенка врз изборите, да не го признаат поразот, затоа што на многу луѓе таму им значи дали ќе бидат на чело на партијата. Се гледа крајот на агонијата, ги трпевме, на глава ни се качија, но на изборите ќе се соочат со реалноста и со волјата на народот во Македонија“, рече Груевски.
Ќе видиме дали на 11 декември може да го излажат народот?, рече Груевски. Тој вели дека нема играње со народ и дека на народот му е преку глава од деструкцијата и ќе одберат опција во која можат да веруваат и која ќе ја води земјата напред.
Потребно е силно мнозинство од 63 пратеници
„Опозицијата сака филмот на заевци и верушевци да стане реалност, но на 11 декември секој од вас ќе може да покаже во каква Македонија сака да живее. После две години агонија на секој од вас му е јасно значењето на овие избори, не е потребна само победа, туку се потребни 63 пратеници за стабилна и силна победа, за силна Македонија. Тоа ќе биде силна порака до сите оние кои мислам дека можат да го заобиколат народот. Тоа ќе биде крај на црните сценарија на заевци и верушевци. Тие 63 пратеници ќе бидат силна победа за ВМРО-ДПМНЕ и за коалицијата, мнозинство кое никој нема право да го уценува“, порача Груевски во својот долг говор.
Поентите од говорот на Груевски во неколку делови, како што е повикување за 63 пратеници, дека народот ќе одлучи кој ќе победи на избори, дека изборите ќе бидат крај на кризата, за црните сценарија на Заев и набројувањето на проектите и инвестциите, тој ги има искористено и во претходни говори.
Зборувајќи за опозицијата, вели дека тие се „спремни и кичма да виткаат и интереси да распродаваат, спремни се и на федерализација“, но, како што рече, не треба да им се остава простор и надеж за нивниот забеган филм. Груевски вели дека со силно мнозинство ќе им се порача на опозицијата дека не може да се пазараат и да ценкаат за интересите на државата, да им се порача дека Македонија не е за продавање.
Изборите ќе бидат крај на кризата
Груевски вели дека изборите на 11 декември ќе бидат крај на кризата, а потоа ќе биде време да се стави фокусот на реалните проблеми на граѓаните.
Освен за остварените проекти и за кризата, Груевски говореше и за министрите и замениците министриод СДСМ, како и за уредникот на МРТВ на предлог на СДСМ, како и за привременото тело за мониторинг на медиумите пред избори. Груевски запраша - Дали некој виде корисен проект од овие луѓе? Тој вели дека избраниците на СДСМ се три класи послаби и целосно без идеја.
„Оваа партија не само што не напредувала, туку и дополнително назадувала, најпоразително беше одлуката за предлог на шеф на МРТВ“, вели Груевски.
За СЈО, пак, рече дека институцијата се формирала со добра идеја, но дека во СЈО има луѓе кои се јавно на страна на СДСМ.
„Тие станаа главен инструмент на СДСМ и Заев“, рече Груевски.
Им порача на сите оние кои сакаат на нечесен начин, со интриги, со манипулации да дојдат на власт, дека не само што нема да ја остварат таа цела, не само што убедливо ќе изгубат, колку колку повеќе се обидуваат со злоупотреби да дојдат на власт, толку поголема ќе биде победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија.
„Зборуваат за двојазачност, брзо решавање на името, нема да има преговарање, туку „дај што даш“, човекот ветува нова држава, некоја нов Македонија, но вие знаете кој одговор треба да го добие. Вашиот одговор ќе биде порака до сите, нема да не се дрзне да прави чекори без да го праша народот и неговото мислење. Ова е уште една и клучна причина зошто опозицијата треба да претрпи огромен пораз на овие избори“, рече Груевски.
Поуки од минатото и крај на поделбите
Лидерот на владејачката партија вети дека по изборите ќе извлечат поуки од минатото и дека со многу работа, со визија и со нови проекти и стратегија ќе работат за добро на државата.
„Времето на поделби мора да помине. Ние како одговорна власт нема да се фокусираме на реванишзам, туку ќе работиме да се променат работите на подобро, ќе одиме напред, не назад, мора да престанат кавгите по партиска основа, дестуркцијата и поделбите мора да престанат. Почнуваме силно на терен како никогаш досега, да допреме до сите наши граѓани за да ја пренесеме нашата порака, да ве погледнеме во очи и да ги пренесеме нашите планови и идеи за подобар држава, ние ја имаме таа обврска. Имаме план и програма со конкретни чекори, ова е најобемната прогнама досега со нови работни места и многу инвестиции“, порача Груевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на партискиот собир во спортскиот центар Борис Трајковски, зборуваше за проектите на партијата за борба со невработеноста, отворените работни места, инвестициите.
„Државата се мачи со тешката политичка криза наметната од опозиција, но ние не се откажуваме од нови инвестиции, а тие носат нови работни места“, рече Груевски.
Симпатизерите и подржувачите на партијата претходно се собраа во близина на Градскиот парк, од каде се упатија кон спортскиот центар. Колоната ја предводеа министерот за здравство и вицепремиер Никола Тодоров, потоа градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Ренгелова и други. Изминатите два дена партијата организираше неколку панел дискусии за, како што рекоа, да покажат дека продолжуваат да реализираат проекти и конкретни дела.