Колку е реално ВМРО-ДПМНЕ да освои над 60 пратеници?

Партискиот лидер Никола Груевски на собир на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во Спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје, 16 октомври 2016

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на минатите избори бараше конкретен број пратеници за да има апсолутно мнозинство. Но, проценките на дел аналитичари сега се дека тоа е нереална порака, пред се упатена кон сопственото членство.

Победа и со помал број на пратеници од 63 ќе се смета за победа, но сосем очекувано таквата победа ќе донесе дополнителни предизвици и ќе бара дополнителен ангажман и од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и од партијата за исполнување на сите ветувања и проекти. Ова е одговорот на партискиот портпарол Иво Котевски на прашањето дали ако ВМРО-ДПМНЕ не освои пратеници колку што побара вчера Груевски тоа ќе се смета за пораз и лидерот ќе си поднесе оставка од претседателската функција во партијата.

Според професор Никола Дујовски,пак, нереално е ваквото барање. Оваа порака е упатена само кон членството на владејачката партија, кое како што додава, не било во толкав број во салата Борис Трајковски и според неговиот впечаток, не било веќе толку уверено во политиките на партијата.

„Гледајќи го говорот општо и генерално може да се заклучи дека Груевски знае дека нема да добие ниту приближно 63 пратеници. Значи интенцијата да се биде по цена на што било апсолутна власт во државата одамна е поминато во Македонија“, вели Дујовски.

Сосема поинакво мислење има Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања-Скопје. Тој вели дека немало голема разлика во односот на силите сега и во 2014 година, па додава дека пореално било ваквото барање на Груевски, отколку изјавите на претседателот на СДСМ Зоран Заев дека ќе победат на следните избори.

„Не е ова барање за апсолутна моќ и власт. Секоја партија, секаде во свет и секогаш бара да има апсолутно мнозинство со кое што ќе си формира влада. Ако е тоа апсолутна моќ, дали тоа значи дека во Германија или во Шведска, или во Британија има апсолутна моќ“, вели Божиновски.

Според него, доколку сепак на изборите владејачката партија не освои толку пратеници колку што побара Груевски тогаш тоа не треба да се смета за пораз. Груевски треба да се повлече од партиската лидерска позиција само ако ВМРО-ДПМНЕ ги загуби изборите, додава тој.

Партискиот лидер Никола Груевски на собир на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во Спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје, 16 октомври 2016

Најмногу пратеници досега - 63, владејачката коалиција освои на изборите во 2008 година, нешто што сега, кога, како што вели, целата партија е разобличена, Дујовски смета дека не може да се случи.

„Јас не сметам дека ќе биде пораз ако не добијат 63 пратеници. Напротив, тие ако освојат 40 пратеници во услови во коишто сме денес, би било успех за нив. Очекувам дека поради нешто друго Груевски ќе се повлече од владејачкото место во неговата партија, а не поради изборниот пораз“, вели Дујовски.

Ова не е првпат Груевски од гласачите да бара конкретен број пратеници. На предвремените избори 2008 година тој бараше 61 пратеник за, како што велеше, да не бидат уценувани од други коалициски партнери. И на последните избори во 2014 година велеше дека ако ВМРО-ДПМНЕ не освои 62 пратеника, ДУИ ќе условува со барање да предложат премиер, претседател на Собрание или претседател на државата.

Груевски на вчерашниот партискиот собир рече дека опозицијата сакала филмот на „заевци и верушевци“ да стане реалност, дека по две години агонија на овие избори не била потребна само победа, туку 63 пратеници за стабилна и силна победа и за мнозинство кое никој немал да има право да го уценува.