Достапни линкови

Неделници - Кој ја распарчува Македонија?


За Република виновници за кризата се Заев и Верушевски, кои според неделникот сакаат да ја распарчат Македонија. Фокус како виновник го посочува Груевски, а Глобус пишува за едни виновници кои го оправдуваат неоправдливото и го бранат неодбранливото.

Двата неделника, Република и Фокус, со различно гледање на актуелните кризни политички состојби во државава. А читателите, тие ќе си го читаат она што им се бендисува и им одговара на нивните светогледи.

Република - Заев и Верушевски – Сојуз за распарчување на Македонија

Насловот на уводникот „‛Планот за Македонија‛ на Заев и Верушевски – Сојуз за распарчување на Македонија‟ се користи и на насловната на Република, а во уводникот се прави осврт на заедничкото протестно марширање на Заев и на Верушевски по скопските улици на 11 Октомври со граѓаните. За Република, граѓаните кои го кажаа своето „не‟ на актуелната власт се „пучисти кои подготвуваа граѓанска војна‟ и кои, како што пишува, „наместо зад решетки слободно се шетаат низ центарот на Скопје како на корзо...‟ И продолжува дека не само што биле на слобода, туку продолжувале да си поигруваат со чувствата на македонските граѓани претставувајќи се како „народни херои‟. Авторот ги „чепнува‟ и меѓуетничките односи, таа карта – секогаш адут пред избори, па вели дека експресното менување на двојазичната табла во Чаир на денот на маршот „ја истакнува лажната љубовна приказна меѓу лидерот на опозицијата и албанските гласачи‟.

Фокус - За кукавичлакот на граѓанинот НГ

„За кукавичлакот на граѓанинот НГ‟ пишува во колумната еден од постојаните колумнисти во Фокус, наведувајќи дека е време НГ пополека да се подготви дека не е и никогаш повеќе нема да биде каков и да е фактор ...зашто неговото време е трајно минато завршено! – извикува колумнистот. Авторот препорачува читателите да ја прочитаат „Мојата борба‟ на Хитлер и „Преродбата во сто чекори‟ за да видат колку сличности има: „Од чистотата на ариевската раса и македонските корени од Големиот Аце, преку фалангата до фискултурните сали за создавање на здравиот дух и здравото тело на националсоцијалистичката, односно дпмнеовската младина... Кој ќе рече дека глупостите и безумието не се угледуваат едни на други. За жал!‟ – извикува повторно авторот на колумната во Фокус за да додаде дека она што ќе остане зад НГ е урнисаната држава, милијардите евра украдени пари, кредите со кои ги задолжи идните десетина генерации...

Глобус - Чуварите на украдените пари

За „Чуварите на украдените пари‟ пишува исто така еден редовен колумнист во Глобус, кој вели дека „интересен а веројатно и најсуров дел од бројната булумента од ‛чуварите‛ се оние наши, таканаречени ‛десни интелектуалци‛, онаа неприродна и чудна збирштина од пудлици и питбули, од разни четириножни креатури со педигре на уметници, музичари, актери, писатели..., кои со полуписмен и дегутантен антикомунизам и празна демагогија го оправдуваат неоправдливото и го бранат неодбранливото. Кои нè уверуваат дека она што го живеевме во последниве десетина години никако не е ‛режим‛, туку дека е ‛незапаметен просперитет‛ на нацијата и државата‟. Па на крај потсетува дека „поттикнати од медиумското лудило, овие наши скудноумни ‛чувари‛ непрестајно и неуморно бдеат врз чистотата на националниот лик и врз зачувувањето на конфесионалната различност‟.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG