Собранието би требало да се распушти в понеделник

Претседателот на Собранието го закажа распуштањето на 17 октомври, по седницата за усвојување на буџетот за 2017 година. Од СДСМ побараа тоа да се случи денеска, но ВМРО-ДПМНЕ го услови распуштањето со носењето на буџетот

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски ја прекина целодневната неизвесност. Точката за распуштање на Собранието ја стави на дневен ред на седницата којашто е закажана за 17 октомври, во понеделник, по точката која се однесува на усвојување на Буџетот за 2017 година, соопштија од Кабинетот на Вељаноски.

Ова следува откако прво СДСМ поднесе итно барање за распуштање на Собранието, па потоа ВМРО-ДПМНЕ изразија подготвеност тоа да се случи истиот ден, но прво да се изгласа буџетот за 2017 година.

„Претседателот на Собранието е уверен дека на овој начин, македонските пратеници ќе успеат истовремено да остварат две суштински цели: прво, да ја исполнат до крај својата обврска да работат до последниот ден во интересот на државата со носењето на Буџетот, второ, да ја испочитуваат преземената обврска за распуштање на Собранието, бидејќи законските рокови во целост и без исклучок дозволуваат тој чин да се направи на 17 октомври за да може да се одржат изборите на договорениот датум на 11 декември“, се вели во соопштението.

Претходно СДСМ и нивните коалициски партнери поднесоа итно барање за распуштање на собранието. Координаторот на пратеничката група на опозициската партија Горан Сугаревски рече дека како дел од политичките партии потписнички на Договорот од Пржино биле должни да покажат дека остануваат на договорените позиции за разрешување на политичката криза

„Секој обид за одлагање на распуштањето на Собранието од страна на мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, ќе биде доказ плус дека власта на Никола Груевски сака да избега од избори на 11 декември“, рече Сугаревски.

ВМРО-ДПМНЕ кои пред пресот на СДСМ побараа од партијата да поднела предлог за распуштање истиот ден,а претседателот Вељаноски да закажел седница, потоа побараа прво да се гласало за буџетот за идната година.

„Доколку СДСМ е убедена дека ќе ја добие поддршката на наредните избори, не е спорно на првата седница по конституирањето на новиот собраниски состав да предложи и изгласа ребаланс на Буџетот“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај СДСМ предлог-одлука за распуштање достави и Демократскиот сојуз. Претседателот на партијата Павле Трајанов вели дека со тоа би се создале уставни можности за одржување на изборите на 11 декември.

„За подготовка на сите партии за учество на изборите неопходен е период од најмалку два месеца поради што предлагаме во текот на денот распуштање на парламентот“, рече Трајанов.

Тој изрази и сомнеж дека е можно да нема избори на 11 декември бидејќи како што рече слушнал коментари дека четирите партии, потписнички на Договорот од Пржино се договарале за таков развој на настаните.