Марш за победа на гласот на граѓаните

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Илјадници луѓе денеска земаа учество во граѓанскиот марш во организација на опозицијата. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев порача дека марширале за подобар живот за сите, а нивното оружје е нивниот глас. Останатите говорници порачаа дека е време Македонија да стане земја каква што граѓаните сакаат да биде.

Борбата продолжува, гласот победува, порачаа илјадници учесници на граѓанскиот марш предводен од опозицијата на одбележување на 11 октомври, денот на народното востание и антифашистичката борба. Маршот започна од булеварот Партизански одреди пред седиштето на Специјалното јавно обвинителство и заврши пред Собранието. Учесниците извикуваа Слобода и Шутка не ти бега Никола. Се вееја стотици македонски знамиња, а можеше да се забележи и по некое албанско знаме. Во првите редови беше лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како и неговите сопартијци и придружуван од активисти,членови на невладини организации и познати личности во јавноста.

Обраќајќи се пред насобраната толпа која го извикуваше неговото име Заев порача дека низ масовниот масовен марш покажале дека граѓаните склучиле сојуз и го кренале својот глас. На овој светол датум 11 октомври, кој е врежан со црвено во колективната меморија потврдивме дека борбата продолжува, рече тој. Марширале, според Заев за подобар живот за сите, а нивното оружје е нивниот глас.

„Марширавме за враќање на државата во рацете на граѓаните. Ја одземаме од мафијата и фамилијата на Никола Груевски. Марширавме за враќање на парите кај граѓаните. Ќе ги вратиме до денар. Се што украдоа се ќе вратиме“.

Ѓорѓи Ѓорѓиевски во име на борците од НОБ истакна дека секоја генерација има обврска да си го брани својот народот.

„Нас борците многу не радува што вие кои сте денес тука ја продолжувате нашата борба за слобода за демократија и за живот на секој граѓанин во оваа држава. Вашиот глас е вашето оружје затоа во борба ние сме секогаш со вас и вашиот глас повторно ќе победи ко што ние секогаш победувавме во борбите“.

Активистот Васко Лазаревски рече дека се случува ново партизанско движење кое ќе ја ослободи Македонија.

„Денеска сме овде да го одбележиме 11 октомври, кој не е празник на нешто што било некогаш. 11 октомври е визија за иднината на Република Македонија за државата онаква каква што сакаме да биде, земја на правда, земја на слобода и на еднаквост“.

Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум порача дека има илјадници млади луѓе кои си заминале затоа што власта не им дала шанса и дека таа сака да живее во држава во која слободата и демократијата се правила.

„Имаме должност да не се предадеме. Имаме должност да живееме и твориме дома и за тоа мора да се избориме. Имаме избор, а изборот е да си заминеме или да ги победиме“.

На крајот Заев порача дека ќе победи граѓанската Република Македонија и ги повика сите да му се придружат во остварување на неговата цел.