Поголеми приходи, но и расходи се предвидени во предлог Буџетот на владата за наредната година, кој беше усвоен пред два дена. Предлог Буџетот влезе во собраниска процедура, а треба да биде усвоен до 12 октомври до распуштање на Парламентот. Во предлог Буџетот за наредната година се предвидени приходи од 3 милијарди евра, односно зголемување од над 216 милиони евра во однос на 2016 година. Владата очекува и раст на економијата од 3 проценти. Расходите пак се проектирани на 3, 3 милијарди евра што е за околу 174 милиони повеќе од овогодинешниот буџет.
Пратеникот на СДСМ, Марјанчо Николов смета дека предлог буџетот има фабричка грешка, бидејќи е планиран на нереални основи и економски показатели кои тешко дека ќе се остварат.
„Најглавната забелешка е дека Владата сакаше да скрои буџет којшто требаше да покаже оптимизам и требаше да покаже ветувања пред граѓаните кои што треба да овозможат да ги придобијат за изборите. Фабричката грешка е што буџетот е испланиран за многу високи износи на приходи, уште повеќе на висок износ на расходи и тешко дека ќе може македонското стопанство и граѓаните да го наполнат преку давачките кои им се наметнуваат“.
Според Николов, новата влада после изборите ќе мора да го прекројува буџетот и да го постави на реални основи или во спротивно ќе треба да се крати од капиталните расходи или да се задолжува.
Пратеникот на ДУИ, Реџаиљ Исмаили вели дека неговата партија како дел од власта дала согласност за предлог буџетот, бидејќи тој е базиран врз основа на програмите и на ДУИ и на ВМРО ДПМНЕ.
„Така да тргнувајќи од тоа ние сме на став дека буџетот за 2017 година кој го помина филтерот во Владата сега треба и собранието да даде согласност за него. Значи ние како ДУИ го поддржуваме буџетот за 2017 година. Очекуваме дека ќе се реализираат проекциите и се надевам дека наредната година ќе биде подобра од минатите години“.
Од Демократскиот сојуз реагираа дека носењето на Буџетот во услови кога има техничка влада, како и утврден датум за избори, претставува добро осмислена стратегија за блокада на изборните активности и насочување на расправата кон крајно популистички и клиентелистички буџет.
Буџетскиот дефицит за 2017 година е проектиран на ниво од 3 отсто од БДП, кој е помал за речиси 42 милиони евра од 2016. За покривањето на дупката во буџетот Владата планира и догодина да издаде еврообврзница.