Нашето финансирање е чисто - парите ги добиваме од претплата, продажба и реклами. Со овие зборови не пречекаа во неделникот Заман - едно од имињата што беше наведено од турската државна новинска агенција Анадолија дека се поврзува со движењето на свештеникот Фетула Ѓулен во Македонија. Македонското издание на Заман излегува од 1994 година, еднаш неделно на турски јазик и еднаш месечно на албански. Заменикот главен и одговорен уредник Ахмет Османи вели дека тие немаат финансиска, ниту уредувачка врска со Заман од Турција, кој згасна неодамна откако претходно беше преземан од Ердоган и дека името е единствената причина поради која се нашле на списокот.
„Ние додека работиме во согласност со Уставот и регулативите, верувам дека не треба да се плашиме. Ние не правиме криминал, пишуваме, а оружјето ни се пенкалото и компјутерот“, вели Османи.
На прашањето каква уредувачка политика има Заман Македонија, Османи вели „не можеме да премолчиме за недемократските чекори на Ердоган“, споменувајќи ги тука притисокот и апсењата на новинари и наставници. Вредни ни се мислењата на Ѓулен, но во весникот даваме место за сите различни мислења, додава тој.
„Гледајќи ги тие работи што се случуваат таму не можеме да останеме неми и треба да ги информираме луѓето што се случува таму. Ние само сакаме објективно да ги објавиме работите што се случуваат таму“, објаснува Османи.
И во Заман и во училиштето Јахја Кемал кое исто така беше споменато од агенцијата Анадолија како поврзано со Ѓулен, велат дека никој од македонските државни органи не ги контактирал за да им посочи дека и за нив може да бидат поведени постапки во Македонија.
„Немаме никаква конекција со движењето Фето, не се ни основачи, не се ни сопственици, никогаш немале донација. Ова е приватна македонска фирма која има седум сопственици и е автохтон македонски бренд“, вели Сурија Таук, директор за односи со јавноста во Јахја Кемал.
Тој се потсетува и дека новиот објект во Карпош бил, како што вели, плод на првото роуд шоу на поранешниот премиер Никола Груевски во Турција пред девет години. Јахја Кемал во земјава функционира дваесет години како средно училиште, а основното, вели Таук, следувало откако Груевски се сретнал со дел од сопствениците. Немавме во план и градинка, но ја отворивме по препораката на Министерството за труд и социјала, а на отворањето беше и министерот, додава Таук. Не само нивното училиште, туку и Заман во почетоците на својата работа беше посетуван од високи државници во Македонија, па во ходникот на нивната редакција се уште стои врамена фотографија на поранешниот претседател Борис Трајковски кој го чита нивниот весник.
Сега, велат од таму, имаат последици поради спомнувањето на нивното име во негативен контекст, па рекламите им се намалиле, а незначително и претплатата. Од Јахја Кемал, пак, велат дека имало само првична реакција.
„Паниката постоеше денот кога се објави веста, но со почетокот на училишната година, на први септември паниката се смири и сè се врати во својата нормала, децата едноставно почнаа да работат“, вели Таук.
Македонија ги поддржува властите во Турција
Во текстот на агенцијата Анадолија објавен десетина дена по обидот за пуч во Турција под наслов „Структурирањето на ФЕТО на Балканот“, покрај Заман и Јахја Кемал во областите на медиумите и образованието, беше наведено дека функционирале и фирми за транспорт, трговија, здравство и туризам. Конкретно беа споменати организацијата „Седеф“, туристичката агенција „Башак“, компанијата за транспорт „Реинбоу“ (Rainbow), ланецот од маркети ЕВАР, организацијата „Здружение на бизнисмени“ (Makedonya İş Adamları Birliği – MİBA), фондациите „Шафак“ (Şafak) и „Толеранс“ (Tolerans).
Половина месец по одлуката на македонската влада донесена на затворена седница, министерот за надворешни работи Никола Попоски во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го објавиме утре, вели дека имале конкретни барања по воениот пуч во Турција, а за Македонија немало никаква дилема дека ги поддржува демократски избраните власти во Анкара.
„Во однос на нивните конкретни барања по определен број од нив Владата има донесено конкретни одлуки на затворена седница и институциите во однос на нивните компетенции ќе постапуваат “, вели Попоски, кој не прецизира дали се работи за организациите кои ги објави државната агенција Анадолија.
Погледнете фрагмент од интервјуто со министерот Попоски, кое во целост ќе го емитуваме утре:
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Министерот додава и дека во однос на барањата на Анкара имало работи за кои можеле да излезат во пресрет и работи за кои не можеле, а разграничувањето меѓу нив биле македонските национални интереси.
Поранешниот дипломат Благој Зашов смета дека тактизирањето во објавувањето на детали за одлуката најверојатрно се должело на чекањето на реакција од стратегиските партнери, пред се од Соединетите Американски Држави.
„Македонија мора да води сметка за своите интереси пред сè, но во исто време би требало да се позиционира, така што во конкретниов случај нема да биде и против одлуките што САД, како наши главни партнери ќе ги спроведуваат, особено што е тоа поврзано со престојот на Ѓулен во САД“, вели Зашов.
Турците од Македонија со поддршка
Но, за разлика од уредништвото на Заман кое критички гледа на некои потези на Ердоган, дел од турската заедница во Македонија не се двоумеше да излезе на собирот за поддршка на Ердоган кој се одржа кон крајот на јули во Скопје.
Организаторот на настанот, претседателот на Сојузот на турски невладини организации „Матуситеб“, Тахсин Ибрахим, рече дека посебна поддршка упатуваат до Ердоган, затоа што при секоја официјална посета на Македонија ги посетувал и нив. Тој немаше сомнеж дека и во земјава имало припадници на организацијата ФЕТО.
„Таквите елементи во разни држави со разни активности влегуваат во некои држави со училишта во некои со медиуми како кај нас“, вели Ибрахим.
Тој додава и дека како турска заедница имале причини за повеќе симпатии кон Ердоган.
„Претседателот, порано беше и премиер на Република Турција, и дава повеќе важност на Република Македонија, меѓудржавните односи дојдоа до одличен степен“, вели Ибрахим.
Јулскиот обид за пуч во Турција веднаш доби и пошироко општествено и медиумско внимание и кај нас. Социјалните мрежи беа полни со коментари се чини како за ниту еден друг настан во регионот, па се заземаа страни дали некој е за Ердоган или пак го поддржува обидот за уривање на власта. Албанската и турската заедница во Македонија е поврзана со Турција културно и религиски, но рамнодушни не останаа ниту Македонците.
Поврзаноста со внатрешните случувања во таа земја според упатените се должи на неколку фактори - Албанците го доживуваат Ердоган како носител на муслиманската идеја, Турците како оживувач на земјата, а Македонците се поврзани заради блискиот менталитет, добрите односи со претставниците на турската заедница што живеат тука, но и современите влијанија како на пример турските серии.
И историјата зборува за поврзаност на овој регион со Отоманската Република или денешната модерна Турција, нагласува професорот Али Пајазити. Тој нагласува дека од пред повеќе од една деценија официјална Анкара станува се поголем фактор во регионот, но и во светот.
„Со тоа и граѓаните на Македонија, особено тие од исламска провиненција, повторно се поврзаа или се случува еден нов линк со Турција и не само муслиманската популација туку и македонската почнува да се идентификува со Република Турција“, вели Пајазити.
Професорот Лазар Лазаров пак исто така не ја исклучува историската поврзаност на Турците со Македонците, но не се согласува со поддршката која македонската влада се чини ја дава на претседателот Ердоган оценувајќи го како недемократ.
Се ловат „ѓуленисти“ низ целиот свет
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Обидот за воен удар во Турција во јули годинава, според повеќето странски аналитичари, бил извршено од офицери од разни средини во земјата. Меѓутоа, турската влада за пучот го обвини таинственото исламистичко движење на Фетула Ѓулен, наречено чемат. Неговите припадници се ловат низ целиот светот.
Гоце Атанасов
Во чистката што претседателот Реџеп Таип Ердоган ја покрена против оваа група и нејзините симпатизери се опфатени над 100 илјади луѓе. Само со еден декрет во изминативе денови од работа се отпуштени 50 илјади луѓе од јавната администрација. Војници, новинари, академици, пилоти и бизнисмени.
Чистката веќе наликува на лов на вештерки и тоа многу поголем од онаа на американскиот сенатор Џо Мекарти кога бркаше осомничени комунисти во педесетите години од минатиот век во САД. Меѓу последните жртви е и еден поп пејач затоа што објавил колумна во ѓуленистички весник, како и еден балетан затоа што ја продал куќата преку банка поврзана со Ѓулен.
Властите затворија илјадници училишта, фирми и организации. Според некои наводи, државата конфискувала имот на ѓуленистите во вредност од четири милијарди долари. Подемот на „чематот“ има корени во долгата битка меѓу официјалниот секуларизам етаблиран од Кемал Ататурк и исламот. Имамот кој го формира движењето, Фетула Ѓулен, е роден во 1941 година во источна Турција. Во седумдесеттите години сиромашните студенти беа пасионирани следбеници на неговите проповеди. Неговите побогати придружници воспоставија мрежа на хуманитарни организации, медиуми и школи чии ученици се инволвираа во сите сегменти на турската влада и бизнис. Во 1999 година, откако армијата го отстрани тогашниот исламистички премиер, Фетула Ѓулен ја напушти земјата. Веднаш потоа беше осуден за подривање на секуларизмот во Турција.
На една видео снимка тој бара од следбениците да ја преземат контролата врз државата:
„Мора да се движите низ артериите на системот, без никој да забележи дека постоите. Вие мора да чекате се додека ја немата целата моќ во државата“, вели тој на снимката.
Изборната победа на Партијата на правдата и развојот на Ердоган во 2002 година го отвори патот за рехабилитација на Ѓулен. Но, сега безбедно укотвен во селски имот во Пенсилванија, тој почна да проповеда умерен исламизам, меѓуверски дијалог и научни вредности. Учители и доброволци се распрснаа низ светот, со што го отворија патот за турските бизнисмени и дипломати. Под Ердоган, симпатизерите на Ѓулен дојдоа на местата на секуларистите со што се создаде, како што сега се нарекува, „паралелна држава во Турција“. И тогаш тие почнаа да ги ловат своите опоненти во војската.
Во едно интервју, екс командантот на турската војска Илкер Башбук изјави дека го предупредил Ердоган за „чематот“. Ердоган се сврте против Ѓулен по аферата за голема корупција од членови во неговата влада и семејство. За аферата Ердоган го обини Ѓулен и од тогаш сите владини грешки почна да му ги препишува нему. По пучот во јули ова движење се споредува со чума која треба да биде целосно искоренета.
Паранојата се шири и во светот. Во Холандија училиштата поврзани со Ѓулен ангажираа чувари по заканите против оние што ги посетуваат. Бугарија протера во Турција еден наводен финансиер на Ѓулен. Турската новинска агенција Анадолија објавува списоци на луѓе кои би можело да бидат поврзани со „чематот“. Секуларните Турци не ги сакаат ѓуленистите, бидејќи беа прогонувани од нив. Тие ги поддржуваат најновите чистки. Но, како што почнаа и чистките против оние што не се ѓуленисти, луѓето почнаа да стравуваат дека владата ќе почне да се врти против сите нејзини противници.
Кон крајот на јули турската влада побара од неколку балкански земји да ги затворат училиштата за кои се сомневаат дека се поврзани со движењето Хизмет на Ѓулен, но Албанија и Косово веќе го одбија таквото барање. Во Босна и Херцеговина, пак, на удар се најдоа образовните институции „Босна Сема“ кои таму се поврзуваат со движењето хизмет на Ѓулен.
„Нашата работа како босанско-хецеговска образовна институција се доведува во врска со случувањата во Турција што нема никаква правна ни суштинска основа и што категорички го отфрламе како невистина и злонамерност. „Босна Сема“ е „во приватна сопственост“, се наведува на интернет страницата на институцијата.
За време на работењето во БиХ, „Босна Сема“ основаше 15 институции, реагираа од училиштето.