Прегрупирање на изборните единици

Со оглед на тоа што шестата изборна единица има повеќе гласачи од останатите, ДУИ предлага Дебар да биде префрлен во петтата изборна единица.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери има задача на своите колеги од другите пратенички групи да им го објасни неговиот предлог за ревидирање на границите на изборните единици и изедначување на бројот на гласачите по изборните единици. Предлог текстот е готов, но формално сè уште не е поднесен до Собрание, оти намерата не е некому нешто да му наметнеме, туку сите да разбереме дека тоа е законска обврска.

„Се доведува во прашање легитимитетот на изборите по основ на законитоста која шта е определена со закон и Устав. Мора сите граѓани да имаат еднакви права. Не може еден мандат да се добие со минус 10 проценти, а другиот со плус десет. Од таа причина има потреба да се избалансираат изборните единици“, вели координаторот на ДУИ, Талат Џафери.

Од ДУИ велат дека треба да се елиминираат сите можности изборите на 11 декември некој да ги прогласи за нелегитимни. Неофицијално, за оваа партија најприфатлива би била варијантата гласачите на Дебар да се префрлат во петтата изборна единица, но од ДПА сè уште нема одговор за нивниот став околу ова прашање.

Од Социјалдемократскиот сојуз не сакаат да коментираат додека не го видат предлог текстот на Џафери, но се согласуваат дека шестата изборна единица останува спорна поради законските отстапувања во однос на бројот на гласачи. Од партијата велат дека од ова прашање можат да зависат изборните резултати, односно дали ќе се добијат или изгубат изборите.

За владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, прифатлив е секој предлог околу кој ќе се усогласат останатите партии, но спротивно на СДСМ, тие сметаат дека ревидирањето на изборните единици нема да влијае на конечните резултати од изборите.

Независната пратеничка Солза Грчева нема сомневање дека една таква иницијатива би поминала без никакви пречки во Собрание, оти целта е да се елиминираат сите можни пречки за одложување на изборите.

„Мислам дека воопшто нема да се остави овојпат на случај. Гледате што е интенцијата, опозицијата да излезе на избори. Значи, да нема ниту една замка, пречка, ниту една на тој пат за да биде изведена опозицијата на избори. И во тој контекст ја гледам оваа иницијатива на ДУИ“, изјави Грчева.

И Павле Трајанов од Демократскиот Сојуз вели дека е потребно прекројување на изборните единици, особено откако ДИК утврди дека има отстапувања од законски утврдениот максимум во шестата изборна единица.

„Сепак инсистираме на точни информации и податоци со цел да не се направи дебаланс на бројките во другите изборни единици и дополнителни проблеми. Треба да се согладаат сите изборни единици, префрлањето од една во друга да се направи многу внимателно. Во принцип, немам ништо против да се усогласат бројот на гласачите по изборни единици согласно Изборниот законик“, вели Трајанов.

Изборниот законик предвидува бројот на запишаните гласачи во шестте региони во земјава да не отстапува повеќе од пет проценти. Според последните податоци на ДИК, во шестата изборна единица има отстапување од 5,28 отсто.