(Не)Реалните фотоприказни на Чунговски

„Два света“ е насловена првата самостојна изложба на уметничка фотографија на меѓународно познатиот и признат битолски фотограф Димитар Чунговски – Чунга, што од 2 до 14 септември, се одржува во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Четириесеттина фотографии снимени во последниве неколку години ја чинат првата самостојна изложба „Два света“ на познатиот битолски фотограф Димитар Чунговски – Чунга, што, од 2 до 14 септември, се одржува во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Иницијатори и организатори на постановката се неговите колеги од Фото клуб Куманово, а на неа уметникот се претставува со лајф и стрит фотографија и со фотомонтажи по кои е познат пошироко во светот.

M

„Изложбата се вика „Два света“ и можам да кажам дека е поделена на реален и на имагинарен свет. Во тој имагинарен свет јас се обидувам преку тие фотомонтажи да направам некоја приказна дали на ситуација, дали на емоција, дали некогаш во неа ќе има малку хумор...Во секој случај елементите коишто ги употребувам и во фотомонтажите се реални. Значи нереална слика добиена со реални елементи кои, ете, некогаш ќе донесат некоја приказна, некое чувство“, вели Чунговски.

Говорејќи за одбирот да документира моменти од животот, од улица, од секојдневието ... тој потенцира дека сето она што го гледаме во живо преку фотоапаратот добива нов момент. И токму поради тоа, како што вели, има незгаслива потреба сето тоа да го забележи. Уметнички да се изрази.

„Најчесто моите фотографии се малку почудни, да речам, од редовните, од обичните. Тоа го знаат фотографите, го знаат оние кои ме познаваат... И тоа е, како изразно средство, може да се каже, некаков личен белег во моите фотографии.“

А, во однос на тоа каква фотографија преферира – црно-бела или колор Чунга, знае да каже, дека и едната и другата си имаат свој израз и дека тој решава во зависност од тоа што е фотографирано и на каков начин сака да ја донесе приказната.

„Нема некое правило дека нешто треба да биде строго црно-бело работено или пак дека ќе се оди на друга солуција. Тоа чисто си доаѓа само од себе во моментот на одлуката како треба да биде донесена самата приказна, како треба да биде обработена фотографијата и т.н.“

Роден 1979 година, Димитар Чунговски уште од детството започнал да се бави со фотографија. Разбирливо најнапред со рачна изработка на аналогна црно-бела фотографија, за потем, по завршувањето на студиите, да ја пригрли и дигиталната технологија, за да некаде од 2003 година продолжи позасилено да се занимава со фотографската уметност.

Член е на Фото-кино клуб Битола од неговото формирање и досега учествувал на повеќе од 50-на домашни и меѓународни групни изложби каде што има освоено голем број на награди и признанија.

Инаку, по Куманово изложбата планира да ја видат љубителите на фотографијата во неговата Битола, а потем и оние во Кавадарци, Скопје...и така со ред во другите градови од земјава.