Кој е виновен за уништувањето на лустерот во Офицерскиот дом?

Надлежните велат дека виновни за уништување на гламурозниот лустер се несовесни младинци, додека битолските активисти го вперуваат прстот во властите за кои велат дека не прават ништо за заштита на културното наследство.

Не стивнуваат реакциите во Битола за уништувањето на гламурозниот балски лустер во Офицерскиот дом. Надлежните вината ја префрлуваат кон младите битолчани, а граѓаните прстот го вперуваат во институциите за заштита на културното наследство. Никој не знае точно кога и на каков начин беше уништен лустерот. Група битолчани неодамна шетајќи низ домот наидоа на демолираниот лустер.

Директорот на битолскиот Завод и музеј, Зоран Алтипармаков смета дека тоа е дело на несовесни граѓани кои ги исекле синџирите на лустерот и тој паднал, а дел од битолчаните велат дека беше оставен на забот на времето и поради негрижа се струполил на подот.

Од иницијативата „Битола не е на продажба“ која организираше протести за заштита на Офицерскиот дом, обвинуваат дека државата направи само фол со тоа што се откажа од продажбата на Офицерскиот дом, а го остави и него и лустерот и понатаму да пропаѓаат.

„Институциите треба да понесат грижа, одговорност. Тој фол на повлекување на огласот за продажба на Офицерскиот дом не придонесе за ништо, како што гледаме домот е руина. Грижата за културното наследство треба да ни биде пред сè“, изјави Влатко Деловски, активист од „Битола не е на продажба“.

Директорот на Завод и музеј, институција задолжена за заштита на културното наследство, смета дека го демолирале млади во градот за кои рече дека имале голема деструктивна моќ на уништување на спомениците на културата.

„Успеаја да го уништат. Наша екипа излезе на увид и пријавивме до Управата за заштита на културното наследство и во полиција. Беше сочуван по земјотресот во Скопје зашто беше од тамошниот Офицерски дом. Еден човек најзаслужен за него беше мајсторот Будимир Костојчиновски, кој го спаси. Беше поставен во балската дворана на Офицерскиот дом. Ние во е елаборатот за Офицерскиот дом го ставивме како заштитено добро“, рече Алтипармаков.

Офицерскиот дом е архитектонски бисер на Битола, објект под заштита, граден од 1911 година. Денес е во руинирана сотојба, а откако власта во јануари се откажа да го продаде, го пренесе во сопственост на општината.

Битолчани реагираат дека во градот пропаѓаат и други културни знаменитости, а јавни добра се издаваат на приватни сопственици наместо да им служат на граѓаните.

„Покрај Офицерскиот дом, слично и се случи на касарната, каде наместо зелен простор за граѓаните, приватници градат згради. Истото се случи и со полигонот за возачка дозвола, кој сега е паркинг, издаден на приватник. Слично е и со планинарскиот дом Копанки, кој е руина. Поставувањето на рампа во националниот парк „Пелистер“. Се распаѓа џепането, турската бања“, рече Деловски.