Грубо се нарушува принципот на одвоеност на партијата од државата, а државни пари не смеат да се трошат за промоција на партиски програми, коментираат експертите откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и партиските претставници постојано промовираат проекти кои треба да ги спроведе државата. Покрај тоа што претседателот на партијата Груевски, во директен контакт со граѓаните, од позиција на партиски лидер ветува дека ќе ги реши нивните проблеми со државните институции и партиската унија на млади сили ветува помош со државни пари. Младите партијци го најавија проектот „Ласерска корекција на диоптрија“ наменет за студенти од 18 до 26 година со кои ќе добијат пари од државата за отстранување на проблемите со видот.
„Имаме патолошка состојба во општеството, на спојување на партијата со државата, состојба што ја немавме во така изразена форма дури ни за време на социјализмот, комунизмот“, вели професор Темелко Ристески.
И додека тече рокот за пријавување на спорните гласачи во Државната изборна комисија, несомнено е дека тече и кампањата на политичките партии. Според аналитичарот Алајдин Демири, Груевски, како што вели, се однесува од секогаш вака, но оваа засилена активност е пред сè наменета за партиското членство. Тој со ова порачува дека без разлика што не е премиер, сè уште е тука и ги води работите, смета Демири. Засилена активност, пак, деновиве најавија и од СДСМ. Претседателот на опозициската партија Зоран Заев, како што се најавува, неделава ќе ги посети Куманово, Крушево, Битола, Охрид и други места.
„Што се однесува до СДСМ, тие мислам дека калкулираат и се плашат да влезат во кампања оти имаат многу несработени работи, не само нивни, туку и на институциите, а со оглед дека институциите се на ВМРО-ДПМНЕ тешко дека може да се направи нешто“, вели Демири, алудирајќи на обврските од пржинскиот договор кој според него сè уште е неизвесно дали ќе се спроведе.
И ДУИ и ДПА имаат формирано изборни штабови, но засега во албанскиот политички блок состојбата е поинаква и тие не се присутни на терен, тврди Демири. Тој проценува дека главен адут на ДУИ на изборите ќе биде државниот универзитет Мајка Тереза.
Дали изборите ќе се одржат во декември годинава ќе се знае на 31 август кога партиите треба да оценат дали се реализирани договорените конкретни обврски, прочистување на избирачкиот список и реформите поврзани со медиумите.