Избирачкиот список се прочистува, недовербата во него расте

По 18 спроведени изборни циклуси за 25 години, избирачкиот список и натаму е главниот проблем. Анкетите покажуваат дека недовербата во последните неколку месеци се зголемила за цели 9 проценти. Аналитичарите сметаат дека политичарите се виновни што државната изборна комисија не може да спроведе навидум едноставна статистичка операција - чистење на избирачкиот список.

Начинот на кој се прочистува избирачкиот список не влева доверба кај гласачите дека ќе го исполни основниот услов за фер и демократски избори, велат аналитичарите. Проблемот не е во списокот со речиси 40 илјади гласачи чие право на гласање е спорно, туку оној список со 170 илјади луѓе за кои нема покритие дали живеат во Македонија или се иселени. Тоа се луѓе коишто немаат регулирано живеалиште, а имаат државјанство и се ставени во посебен извод од Избирачкиот список како неспорни, затоа што за нив се претпоставува дека подолг период живеат во странство.

Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник Павле Трајанов вели дека најспорни гласачи се иселените од Македонија, затоа што со нивните гласови се можни манипулации.

„Ако веќе станало пракса да се гласа на место на друг којшто заминал во странство, тоа може да се повтори без разлика дали ќе се ставело ѕвездичка или не знам што ќе се прави. И друга работа е тоа што имаше од СЈО дека се пронајдени 30 илјади лични карти. Практично веќе има сомнеж дека тие се уфрлени, тоа е страшно. Така што, генерално гледано, од кога почнаа партиите да се расправаат за ова прашање, година и пол ништо конкретно не е мрднато и мислам дека владее една тотална конфузија“, вели Трајанов.

Според претседателот на граѓанската асоцијација „Мост“, Дарко Алексов, спорните бројки се само последица од проблемите во системот. Тој објаснува дека, според анкетата на ИРИ, од јануари до април недовербата на граѓаните се зголемила за 9 проценти. Тоа укажува дека мнозинството во државната изборна комисија не успеа да ја зголеми довербата во процесите за ажурирање на избирачкиот список, ниту во исполнување на условите за изборите кои претходно беа закажани, вели тој.

„Заклучок е дека комплетниот процес не беше добро испланиран, а со тоа дојдовме до низа на импровизации. Во делот на нетранспарентноста, сметам дека најголемата штета е направена во довербата во избирачкиот список од страна на граѓаните затоа што на јавноста не ѝ беа објаснети оние првични 330 илjади кои произлегоа од вкрстените проверки како сомнителни записи“, вели Алексов.

Долгогодишниот новинар и уредник Ерол Ризаов смета дека Македонија не е на пат кон фер и кредибилни избори.

„Прво, никогаш не дознавме колку гласачи има во Македонија, нема попис, отворен е процесот за фалсификати, во МВР базниот список од 170 илјади луѓе не се регулираше и затоа мислам дека на повидок се уште едни нерегуларни избори“, вели Ризаов.

Трајанов смета дека е крајно неодговорно на списокот да има милион и 800 илјади гласачи затоа што тоа говори дека наместо да се прочистува списокот, тој само се надоградувал во изминативе 25 години. Тој додава дека последните случувања само укажуваат дека не може да се подигне довербата во Државната изборна комисија со ваквиот начин на работа.

„Апсолутно, таа треба да биде професионална, државна изборна комисија без партиско вмешување, со силни одредби за казни доколку направат намерни пропусти. Само на тој начин можеме, колку-толку, да сметаме дека таа е со одреден кредибилитет“, вели Трајанов.

Проблемите со избирачкиот список како институционалната неунифицираноста при водењето на податоците на граѓаните, немањето на унифицирано институционално именување на улиците во Македонија и останатите системски пропусти догодина на локалните избори само ќе нè вратат повторно назад, вели Алексов.

„Затоа и предупредување и апел, ако не го средиме системот за не повеќе од осум месеци од сега ќе ја имаме истава дебата и ќе говориме за тоа дали избирачкиот список и довербата во него во него може да придонесе за кредибилни и фер избори“, вели Алексов.

За власта во Македонија има милион и 800 илјади гласачи, додека пак опозицијата вели дека вистинската бројка е милиони и 500 илјади, а што вели науката нема да дознаеме затоа што во земјава 14 години не е спроведен попис на население.