По добивањето зелено светло од Собранието за законските измени на договореното од Пржино, почнуваат да течат роковите според кои треба да се спроведуваат договорените решенија. Па така, со измените на изборниот законик веќе тече прочистувањето на избирачкиот список, а почнаа да се трошат 25-те дена во кои треба да се пријават спорните 39.502 гласачи.
Во однос на Пржинската влада, доколку изборите се одржат до крајот на годината, таа ќе добие мандат сто дена пред изборите. Рокови има и за договореното во делот на медиумите. Имено, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги треба да биде имплементиран 15 дена од денот на договорот на 20 јули. Ад-хок телото за мониторирање на медиумското известување треба да се формира 30 дена од датумот на договорот, односно најдоцна до 30 август. Истото тело ќе функционира до завршување на изборниот процес. Исто така, новиот уредник на МРТВ кој ќе биде на предлог на опозицијата, треба да стапи на функцијата сто дена од датумот на одржување на изборите.
Дел од домашната јавност е скептична во однос на почитување на предвидените рокови. Политикологот Соња Стојадиновиќ вели дека македонските политичари се познати по тоа да ги одложуваат роковите.
„Воопшто не очекувам каков било рок врзан со новиот договор или кое било продолжение на Пржинскиот договор да се почитува. Прво и основно, ние сме многу познати по тоа дека сакаме и уживаме да ги пробиваме роковите, а кога нешто се прави во рамки на рокот се прави во пет до дванаесет под притисок на странците“, вели Стојадиновиќ.
Но, не е само тоа проблем, посочуваат упатените. Дури и да се испочитуваат сите рокови и да се спроведат договорените точки од Пржино, поголеми промени не може да се случат со преодната влада или преодните тела кои имаат мандат сто дена пред избори.
„Ништо не може да се направи во сто дена пред избори, затоа што знаеме како функционира целиот наш систем. И министерот да биде сменет во кое и да е министерство за кое се однесуваат измените на законите, не се променуваат другите функционери внатре. Никој не ги менува државните советници или секретари и сите вработени во министерството кои треба да ги имплементираат измените. Системот е расипан зашто така е поставен од владејачката партија, таа да ги дава командите и таа го кажува последниот збор. Многу добро знаеме колку тој цел државен систем е отруен од партиски послушници“, коментира Стојадиновиќ.
Ако се оди според договореното и доколку се распишат избори во декември, Собранието би требало да се распушти на 11 октомври.