МКЦ за (урбано) Скопје

Со изложба на фотографии „Скопје 1963 – Хроника на една катастрофа“ од Бошко Фржоп од Хрватска, проекција на пет кратки филма на режисерите Игор Иванов, Вардан Тозија, Даријан Пејовски, Ѓорче Ставрески и Марко Ѓоковиќ и перформанси на групите SIZ, STUTTGART ONLINE и YOU, овој вторник, на 26 јули, од 20 часот, во Младинскиот културен центар, ќе биде одбележана 53-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

Шеста година по ред, Младинскиот културен центар од Скопје, онака како што и прилега, ја одбележува годишнината од катастрофалниот земјотрес. Со настан сочинет од низа урбани содржини кои во суштина ја довикуваат солидарноста на скопјани, солидарноста кон Скопје и силата и сплотеноста на луѓето што го љубат Скопје.

А, овојпат, одбележувањето на 53-та годишнина, ќе започне со отворање на фото-изложбата „Скопје 1963 – Хроника на една катастрофа“ од Бошко Фржоп од Хрватска. Станува збор за постановка на која ќе се најдат фотографии на кои се гледаат последиците од земјотресот видени низ објективот на фото-аматер, кој , патем, од првата плата во Скопје го купил фотоапаратот „Киев“, за да може да забележи дел од човечките судбини и, уште повеќе, да се обиде да го следи обновувањето на разрушениот град. Да ја документира изградбата на населбите и постепеното враќање на жителите во нормален живот.

Инаку, изложбата досега е прикажана во Загреб и во Шибеник, и сега по прв пат во Скопје.

Веднаш потоа следува проекцијата на пет кратки филмови на исто толку скопски режисери. Во „Фросина“ ќе бидат прикажани 15-минутниот „Бубачки“ на Игор Иванов – Изи, потем „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ на Вардан Тозија, „409“ на Даријан Пејовски, „Материјал за аудиција“ на Ѓорче Ставрески и (безмалку) получасовниот „Еклер“ на Марко Ѓоковиќ.

Од друга страна мнозина со нескриено љубопитство и многу насобрана енергија ќе ги очекуваат настапите на SIZ, STUTTGART ONLINE и YOU, групите кои на своите профили веќе најавија „пеколен музички вторник“.

YOU се скримо/хардкор панк бенд од Скопје формиран во 2015 година од поранешни членови на групите MINDLESS VIOLENCE, SLUDGE ....Марко Крстевски ( гитара и вокал), Мартин Митевски (бас и вокал) и Тејка Васиљевиќ ( тапани и вокал) зад себе имаат неколку концерти настапи и полека се подготвуваат да влезат во студио за да го снимат материјалот за својот деби албум.

SIZ (или Самоуправна Интересна Заедница) во основа е дуо што го чинат Ивица Димитријевиќ (гитара и вокал) и Филип Станчевски ( тапани, перкусии). Бендот е формиран во Куманово и во изминатава нешто повеќе од половина декада, свирејќи минимал-рок, фанк-панк, панк-рок, гараж-рок...нео-боп, авангарда....има снимено три албумски објави. Со нова освежена постава еве ги повторно во МКЦ.

А, по нив за доттрошување на последните атоми ќе бидат задолжени STUTTGART ONLINE, или „најдобрите синови на белградскиот андеграунд“. Имено, двоецот Бојан Слачала и Марко Баришиќ, зајакнати со уште една моќна бас гитара свирена од Дамир Ахметовиќ ( МУЛТИЕТНИЧКА АТРАКЦИЈА), во Македонија доаѓат по пауза од цели три години носејќи ги во куферот својот нов материјал, старите хитови и огромната желба наново да понудат ангажирана поетика и високооктанска забава кого никого не остава рамнодушен.

„Вакви нешта, чинам, дека треба да се случуваат во градот. Не само на овој ден за паметење и припомнување на овој трагичен настан, туку и за останати нешта. Само така и единствено така, создаваме една колективна убава историја. Создаваме една нишка која понатаму, како и секогаш, за жал, единствено преку уметноста и културата креираат една поинаква позитивна енергија помеѓу сите нас во градот и во државата Македонија“, вели во пресрет на одбележувањето Златко Стефковски, директор на МКЦ.

Во дослух со неговите зборови, само уште и информацијата дека, како надополнување на програмата на „МКЦ за Скопје“, порталот keif.mk, во соработка со издавачката куќа „Антолог“, објави книжевен конкурс за краток расказ на тема Скопје и катастрофалниот земјотрес од 1963-та, чие јадро е идејата да се создаде изменета Скопска антологија која би претставувала калеидоскоп од авторско фикционални приказни - „Калеидоскопје“. Наградените автори ќе бидат прогласени на денот на настанот и тие тогаш јавно, пред публика, ќе ги прочитаат своите кратки стории.