Владата станува великодушна пред избори

Архивска фотографија: Пензионери од Скопје во присуство на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во посета на Археолошкиот музеј

Се најавуваат нови вработувања во полицијата, се зголемуваат пензии токму пред избори, се зголемува социјалната помош. Сите овие мерки аналитичарите ги толкуваат како предизборна корупција.

Вработувањата, зголемувањата на социјалната помош, платите или пензиите и натаму остануваат главна алатка во предизборниот период на секоја влада, велат домашните аналитичари откако во последните неколку денови македонската јавност е преплавена со информации за нови вработувања во полицијата и Армијата, како и најави за зголемувања на социјалната помош или доделените грантови за 500 лица кои ќе отпочнат сопствен бизнис. Професор Темелко Ристески вели дека сите тие се мерки кои ги презема власт којашто сака да се одржи.

„Сите овие вработувања, интервенции во социјалната помош, се во функција на предизборен политички маркетинг за да се добијат симпатиите на колку што е можно поголем број граѓани за да гласаат на изборите за таа власт. Власта очигледно се подготвува за избори. Веројатно насетува дека тие ќе се случат за неколку месеци“, изјави Ристески.

Овие вработувања и позитивни трендови се препознатливи за стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ, смета професорот Алајдин Демири. Сепак, тој се сомнева во ефектите кои ќе се постигнат со овие потези.

„Овие вработувања ќе бидат постојани адути на ВМРО-ДПМНЕ. Јас не знам дали во оваа состојба сега тие ќе донесат некакви резултати зошто економската ситуација се влошува, политичката состојба исто така, но на крајот на краиштата тоа е единствен аргумент што го има ВМРО-ДПМНЕ и воглавно на тоа се ослонува“, вели Демири.

Се работи за чиста политичка корупција како модел за поткуп на потенцијални гласачи, вели Ристески. Истото размислување го дели и Демири, според кого, овие потези се проверена алатка во рацете на актуелната власт.

„Купувањето на гласачите е специјалност на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ. Тие имаат една гарнитура на луѓе кои се вработени на сите нивоа на власт и тие ги сметаат како бетонирани гласачи. Сега проблемот е колку тие ќе бидат уценети да им донесат повеќе гласови освен своите“, вели Демири.

Иако ефектите од ваквите политики на власта не се занемарливи, Ристески вели дека не секогаш истите го даваат посакуваниот ефект.

„Во конкретниот случај, ефектите не очекувам дека ќе бидат толку големи како во времето кога власта беше во подем, кога имаше широка поддршка од населението. Сега таа поддршка од граѓаните слабее, намалена е значително и нема да има којзнае каков ефект“, вели Ристески.