Тешко на нашите деца - ваши реакции на најавената еврообврзница

Министерот за финансии Кирил Миновски

По информацијата за новото задолжување на Владата со еврообврзница до 640 милиони евра, има многу реакции од нашите читатели. Едни се противат на задолжувањето на идните генерации, додека други ја поддржуваат владата.

Треба да пораснеме и да се договараме, вели покрај другото аналитичарот Сашо Клековски во неделното интервју за нашево Радио, но како по обичај, оние што коментираат на нашата Фејсбук страница не размислуваат многу за кажаното, туку повеќе реагираат импулсивно водени од личните симпатии или антипатии кон личноста. Па така, Јелмаз Красниќ прашува дали е тоа оној што десет години јаде леб на грбот на македонскиот народ, а Шопов Милан постирал: „Точно, има еден никако да порасне, со него нема договор, погоди кој е тој“. Шерко Сејдиноски како да му одговара: „Растете вие, Грујо е пораснат со 5 милијарди евра“.

По информацијата за новото задолжување на Владата со еврообврзница до 640 милиони евра, Лиле Иваноска напишала: „Тешко нас и нашите поколенија кои ќе останат тука да живеат, во иднина и воздухот што ќе го дишеме ќе мора да го плаќаме за да ги враќаме долговите“. Лаура Паусини како да се обраќа директно на власта, со иронија: „Слободно да си се задолжите, ич да не ви е гајле, Македонија е многу богата, особено народот, бидејќи многумина одобруваат сè што правите и, ако треба, ќе враќаат 200 години“. Игор Антовски ја фали Владата и вели главата горе, „народот е со вас“, на што Билјана Чакмакоска Караџовска реагира: „До толку ли е забегана работава? Главата горе со милионски долгови???“

Има многу постови по интервјуто на американскиот амбасадор Бејли дадено за Утрински, што го пренесува РСЕ на својата веб-страница, но поради политички некоректниот јазик не би ги пренесувале.

Има и повеќе постови во врска со младинската он-лајн колумна „Министерство за вмровски работи“ на студентот Демијан Хаџи Ангелковски, која има 94 лајкови, кој прашува како да се чувствува безбедно во држава во која полицијата е тука само за да се реши од него бидејќи е гласен и е против структурата што ја контролира истата таа полиција. Татјана Манева смета дека тој немал право да зборува потсетувајќи го на убиените полицајци во 2001-та, но Трајко Ајтов напишал: „Од таа полиција до денешнава – разлика ко’ до Стамбола“. Фиданчо Петров кој за себе вели дека е „обичен џандар 27 години“, колумната на Хаџи Ангелковски ја оценува со 10, ама „не во индекс, погодил во центарот на метата“.