Во времево во кое безмалку и да навикнавме на црнилата од нашава сурова реалност, еве и една вест која можеби и ќе помине незабележано, но која дефинитивно доаѓа како мевлем на отворената рана. И овојпат херои на денот се нашите културни дејци, оние кои многупати досега ни го обелиле образот пред светот и наново ни ја вратиле вербата во трудот. Во творештвото. Во идејата дека културните искричења можат да го победат мракобесието во кое до гуша сме потонале.
Лесно е да се биде добар или најдобар на натпреварите кога нивото на фестивалите е такво какво што е, меѓутоа да се биде прв на манифестација каде што нивото е толку високо, како што беше сега, е огромно задоволство.Сашо Татарчевски, диригент
Имено, во силна конкуренција на 20-на квалитетни хорови од повеќе светски држави, на шестиот меѓународен хорски натпревар на фестивалот „Вратиславиа Сакра“, што се одржа од 3 до 6 јуни во рамките на манифестацијата „Вроцлав - европска престолнина на културата за 2016“, Женскиот младински хор при МКЦ освои две први места во категориите на еднородни и госпел и спиритуал хорови.
„Лесно е да се биде добар или најдобар на натпреварите кога нивото на фестивалите е такво какво што е, меѓутоа да се биде прв на манифестација каде што нивото е толку високо, како што беше сега, е огромно задоволство“, вели видно задоволен од следот на настаните диригентот, маестро Сашо Татарчевски.
Тој дополнува дека во согласност со концептот на Фестивалот на кој се изведува духовна хорска музика одлучиле да настапат во главната категорија на еднородни хорови и во онаа каде што се изведувале госпел музика и спиритуали. Притоа во оваа категорија бележито било учеството и на хорот од САД кој овде бил на свој терен пеејќи ја „својата музика“, но дека и во овој случај нашите хористки доминирале на подиумот.
„Да бидам искрен, дури мене ме изненади нивото на изведба на девојките што го покажаа таму бидејќи, знаете, се работи на проби меѓутоа обично на концерт не секогаш излегуваат работите како што сте ги планирале. Дури и со професионалци, а камоли со луѓе, безмалку половина од ансамблот, кои воопшто и не се музичари. Девојките извадија максимум од себе и коментарите што ги добивме за изведбите, пред сè од публиката, но и од жирито, а ретко коментира жирито на таков начин, беа во најафирмативни суперлативи“, вели тој.
Од друга страна, Татарчевски за својата работа доби три награди за најдобар диригент од три различни комисии – од стручното жири, од организацијата на манифестацијата „Вроцлав - европска престолнина на културата за 2016“ и од жирито на Музичката академија на овој полски град. Тоа подразбира, дека уметникот пет пати морал да се искачува на бината за да ги прими наградите.
Инаку, со овие големи признанија неминовно се наметнува заклучокот дека македонското хорско пеење повторно го запоседнува врвот на Европа.
Кон ова само уште потсетувањето дека Женскиот младински хор при МКЦ е еден од ансамблите со најдолга традиција во Република Македонија. Овој женски хорски состав во својата четиридецениска историја освоил многубројни награди на фестивалите во светот, меѓу кои се и златните медали на натпреварите во Чешка и во Хрватска, како и трите високи признанија на меѓународниот хорски натпревар „Ливиу Борлан“ во Баја Маре, Романија.