Претседателски мандат исполнет со гафови

Низата гафови по кои стана препознатлив претседателот Ѓорге Иванов не се само негов личен проблем, туку ја отсликуваат и неспособноста на неговиот кабинет, вели политикологот Соња Стојадиновиќ.

Од кога стана претседател во 2009 година, па сè до денес, Ѓорге Иванов на функцијата меѓу другото ќе биде запаметен по гафовите во јавноста. Од неговата прва неславна изјава откако стапи на функцијата за Космодиск демократија – шашаво е, ама функционира, по која следеше легендарната - Разумен компромис е разумен компромис, потоа дека западната цивилизација тргнала од селото Паљурци крај Богданци, по што се редеа и низа други, како таа дека си намигнал со американскиот претседател Барак Обама, па ако тој можел да биде претседател, зошто и децата да немаат сон да станат нешто во животот, нема ништо поуспешно од успех или после декември ќе дојде јануари.

Последната во низата е неговата изјава за време на регионалната бизнис иницијатива „Самит 100“ во Сараево, одговарајќи на прашањето како Александар Македонски денес би се снашол во македонската бизнис клима.

„И Исус Христос да се јави ќе го убијат. Исто важи и за Мухамед. И тој да се јави ќе го убијат“, рече Иванов и следеше уште една дека „Александар бил тоа што бил оти учител му бил Александар“.

Политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ вели дека Иванов со гафовите не само што се омаловажува и наведува себе си, туку и самата држава која ја претставува и генерално целото население кое живее во неа.

„Ова што е последниот гаф на регионалниот самит во Сараево веќе само го потврдува срамот што го шири за државата надвор на меѓународно ниво и дури во еден момент треба да се прашаме каков претседател имаме, која е неговата улога и дали навистина тој веќе ја губи способноста да биде човек достоен да ја врши таа функција во државата и надвор на меѓународно ниво“, вели таа.

Според Стојадиновиќ, вина сноси и неговиот тим, бидејќи еднаш или два пати да се случило за време на неговиот мандат и да имало пропуст на службите тогаш е во ред и може да се дозволи и оправда, но не и во овој случај.

„Но неговите гафови се редат во низа како бисери на нишка кои служат за забавување на народот и тука, бидејќи тие се во енормен број се покажува и неспособноста на неговиот пи-ар тим и луѓето кои работат во неговиот протокол, затоа што тие не се таму само да го регулираат протоколот во државата, туку на меѓународно ниво. Така што самите пропусти не се отсликуваат само за него, туку и за неспособноста на луѓето кои го опкружуваат“, вели таа.

Како и за минатите, па така и за овие гафови Иванов на критика пред сè наиде на социјалните мрежи.