Господине Иванов, кој ви беше предизвикот да се кандидирате за претседател, со оглед на тоа што во македонски услови и систем како нашиот тој и нема некои големи надлежности?
Навидум нема надлежности, ако се чита уставот. Меѓутоа, претседателот е персонификација на државата. Претседателот го создава амбиентот во државата. Тој поттикнува дијалог, разбирање меѓу различните етнички и религиозни заедници и едноставно го создава балансот во општеството. И ги става во функција сите институции да се во функија на народот. А, поттикот беше едноставно предизвикот човек да се соочи со оваа функција и да направи нешто добро за својата држава.
Ве плаши ли можеби предизвикот да бидете иден претседател, со оглед на тоа што се зборува дека немате доволно искуство во политиката?
За неинформираните немам големо искуство. За тие што ме познаваат знаат дека учествував во последните години во бившиот систем за сите можни функции како младински активист, бев делегат во Собранието на Република Македонија четири години, бев член на Советот за народна одбрана, бев член на претседателството на младина на Југославија, сите можни функции што постоеја како младинска линија тогаш ги имав и го имам тоа искуство како внатре доведовме да се промени тој систем. И тогаш имав ситуација, изгубив работа затоа што многу зборував и се посветив на науката, и решив да инвестирам во себе и станав универзитетски професор.
Господине Иванов, вие сте кандидат на владеачката партија. Дали доколку еден ден бидете избран за претседател сметате дека ќе можете да настапувате како независен и самостојно да донесувате одлуки?
Човекот ја прави функцијата. Јас сум непартиски човек. Иако ме поддржа владеачката партија, мојата номинација ја поддржаа голем дел од слоевите во општеството, голем дел од академската заедница, невладиниот сектор, верските заедници застанаа зад мене. И едноставно јас се обидувам таа номинација што ја добив од големи делови од општеството на избори и да ја покажам, доколку добијам легитимитет тоа ми овозможува да бидам претседател на сите.
Во еден јавен настап ја опишавте македонската демократија како Космодиск демократија. Што значеше тоа? Што сакавте да кажете со оваа изјава и што како претседател ќе направите за да ја промените таквата слика?
Тоа беше на една средба со сите етнички заедници во Македонија кога дискутиравме за тоа по што е различна Македонија од другите. Македонскиот модел на демократија е модел кој вклучува, ги вклучува сите, и никого не исклучува. Ние успеавме во она што не успеаја многу посилни, побогати и развиени земји. Сите етнички групи кај нас влегоа во политиката, некои етнички заедици имаат универзитет, училишта, медиуми на свој јазик и Македонија успеа да создаде специфичен модел на демократија што не успеа ниту еден сосед. Другите соседи работеа на исклучување и тоа создава кај нив проблеми, кои веројатно многу тешко ќе знаат да ги решат. Тој наш модел на демократија и за странците е чуден. Замислете, тие во Шпанија баскиското прашање не е решено. Северна Ирска, Корзика не се решени до крај. Македонскиот модел успеа, тој функционира, затоа ја користев метафората од рекламата на Космодиск, дека тоа на некого можеби му изгледа чудно, но функционира. Јас го кажав мојот концепт и користев метафори, а претседателот мора да има смисла за хумор и да знае преку метафори да објасни некогаш многу комплексни состојби.
Колку е опасно за една демократија нејзината власт да биде сконцентрирана и на локално ниво и во претседателската функција?
Тоа е повторно теза на опозицијата, бидејќи таа така ја практикува власта. Знаете, од 1994 до 1998 како се практикуваше власта во Македонија и што се ни донесе. Треба да мислиме позитивно и да веруваме на народот. Народот ја легитимира власта. Сега, кога загубија доверба меѓу народот, се обидуваат да го плашат народот дека тоа ќе води кон апсолутизам. Тоа е сосем погрешна претстава и плашење на народот дека концентрацијата во локалната, претседателската власт ќе доведе до апсолутизам. Живееме во демократија. Тие луѓе што тврдат треба да знаат што е суштината на демократијата.
Еден од предизвиците со кој ќе се соочи идниот претседател во областа на надворешната политика секако ќе биде неизбежниот спор за името со Грција. Можете да ми кажете конкретно дали тој компромис за вас подразбира промена на уставното име?
Ние наследивме еден таков проблем од политичари кои веројатно не ни знаеја што од сето тоа ќе произлезе и со своите отстапки и менување на ставови ја доведоа нашата позиција во многу нерамноправна положба Македонија мора конечно да има државна стратегија во однос на тоа. Мораме да изградиме став како држава. Штом сме почнале преговори веројатно ќе дојде до привршување на тие, на почетокот разговори. Затоа што резолуцијата 817 на ОН од нас бараше да водиме разговори за разликите околу името. Од тоа што беше во резолуцијата, видете до каде стигна состојбата. Да во предлозите имаме да се посега по нашиот идентитет, јазик, уставот и се друго што во овие сугестии што доаѓаат од преговарачот. Македонија мора да биде конструктивна, креативна, а некогаш и иновативна. Консензусот за нас е прифатлив, само ако не е на штета на државата. Друг компромис, на штета на државата не е компромис, туку пораз. Теоретски ако ја познавате историјата на меѓународни односи, вакви спорови немаат решение. Барем до сега нема такво нешто да се решило. Но, секогаш се поаѓа дека треба да се живее со тој проблем, и живеејќи со проблемот доаѓате до решенија. Таков е случајот со Ирска и Велика Британија. Истиот е проблемот. Ниту Ирска го признава официјалното имет на Англија, ниту Англија официјалното име на Ирска, но нашле начин, двојна формула, едно име за меѓународна употреба, второ за билетерална употреба. Тоа беше и концептот на САД, нивната администрација во 2004. Кога понуди такво решение, двојна формула и за нашиот спор.
За вас е најприфатлив тој концепт?
Тоа е најприфатлив и тоа е она што до сега покажало во други случаи дека е начин да се најде решение. Тие што први го прифатија тоа денес се откажуваат, и тоа создава на другата страна сосем поинаква позиција. Тие имаат поширок маневарски простор. И затоа, се покажа дека како Македонија сме конструктивни. Ние дадовме и нов преговарач. Учествуваме во тие преговори. Но, секогаш треба да се потсетуваме на она што го кажуваше поранешниот преговарач, амбасадорот Тошевски. Тој на неколку наврати има кажано, јавно, со сета своја одговорност, дека Грција е таа што не бара решение на спорот. Грција прави се, да не се реши спорот.
Што може Македонија да изгуби на меѓународен план ако продолжи со промоција и постојано повторување на нејзиното античко потекло?
Ние сме членка на УНЕСКО. Ние сме обврзани да го чуваме и негуваме сето наследство што постои на нашиот простор. Не сме виновни што тука се реѓале императори како Јустунијан, како Јустин, што на овој простор постоеле империи што оставале траги. Што тука живееле великани, преку кои не препознаваат во светот. Ние едноставно, треба да сме горди на тоа наследство и не смееме да ја пресекуваме таа наша историска нишка и да велиме од тука почнавме. Тоа е злостор. Вие на еден народ да му оневозможите да се повикува на своето наследство. Впрочем, тие што ја пласираат тезата за антиквизација, зошто го користат името Македонија? Македонија е единствено име што е наследено од антиката, а сме го сочувале ние, другите имиња кои постоеле како држави или творби тогаш згаснале. Ние сме го сочувале. Тоа е она што нас не прави горди. Антиквизација е и користење на терминот Македонија. Така што, тоа е повторно еден обид да се сврти вниманието кога некој е во очајна состојба. Тоа е офанзива на очајот.
Верувате ли сепак дека ќе се реши спорот?
Верувам, затоа што се менуваат состојбите и во Грција. И таму доаѓаат политичари кои имаат разбирање за тешката состојба на регионот и за она што предизвикува една од партиите да го користи прашањето постојано да мобилизира нови гласачи. Се надеваме и да мислиме позитивно. Дека можеби ќе дојде време кога луѓе кои се со европски ориентации кои ја знаат својата одговорност и за регионот и одговорноста за тоа што како преседан го направиле, сега ја ослабува самата ЕУ.