Избори за продлабочување на кризата

Само ВМРО-ДПМНЕ од четирите најголеми политички партии поднесе кандидатски листи за изборите закажани за 5 јуни. Со овој потег не може да се реши политичката криза.

Потег кој ќе нè фрли во подлабока криза и ќе предизвика низа негативни последици. Вака домашната експертска јавност го коментира вчерашниот потег на поднесување кандидатски листи од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што останатите три најголеми партии категорично порачаа дека не одат на избори на петти јуни.

Станува збор за потег со којшто сè уште ВМРО-ДПМНЕ му дава надеж на членството дека може да се реализираат избори на петти јуни. Сметам дека ова нема да придонесе за разрешување на политичката криза, туку напротив ќе ја продлабочи.
Митко Гаџовски, политиколог

Политичкиот аналитичар Митко Гаџовски вели дека наместо да ја разреши, овој потег на ВМРО-ДПМНЕ дополнително ќе ја продлабочи политичката криза.

„Станува збор за потег со којшто сè уште ВМРО-ДПМНЕ му дава надеж на членството дека може да се реализираат избори на петти јуни. Сметам дека ова нема да придонесе за разрешување на политичката криза, туку напротив ќе ја продлабочи“, вели тој.

Гаџовски додава дека, иако е нивно право да ја определат стратегијата за којашто мислат дека ќе им донесе најповолна позиција во целата ситуација, овој потег значи неконструктивност со оглед на тоа што сите останати партии кои беа вклучени во договорот во Пржино, не поднесоа кандидатски листи“, вели Гаџовски.

За професор Башким Селмани, пак, нема сомневање дека ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на избори, бидејќи, како што вели, таа мора да ги почитува законските прописи.

„ВМРО-ДПМНЕ е во ќор сокак. Законските прописи мора да ги почитува бидејќи она го иницираше определениот рок и затоа мора да постапува по тие законски решенија. Правно и меѓународно, не верувам дека изборите ќе се признаат, а тоа ќе донесе низа компликации“, вели Селмани.

Сепак, тој предупредува дека едностраните избори се најлошо решение во моментот. Дали во позадина на овој потег стои некаква игра, не знам вели Селмани, но е убеден дека оваа непријатна ситуација дополнително ќе се комплицира.

„Соработката и толеранцијата го спасува човештвото. Доколку нема соработка и толеранција, за никого нема да биде пријатно, а самиот народ ќе се вовлече во поголема криза“, вели Селмани.

Претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Неловски вчера изјави дека според нив, исполнети се сите услови за фер и демократски избори. Според Роковникот за извршување изборни дејствија за предвремените парламентарни избори на 5 јуни, синоќа на полноќ истече рокот за поднесување листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија. По добивањето на листите, ДИК има 48 часа да утврди дали листата на кандидати е поднесена во утврдениот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Евентуалните недостатоци, подносителите на листите ќе треба да ги отстранат исто така во рок од 48 часа.