Достапни линкови

Очигледно нема избори на 5 јуни


СДСМ и ДУИ најавија дека нема да поднесат кандидатски листи за изборите на 5 јуни, а сличен став се очекува и од ДПА. Во ВМРО-ДПМНЕ сè уште не соопштуваат што ќе прават.

ДУИ денеска нема да поднесе кандидатска листа за пратеници во Државната изборна комисија, потврди Бујар Османи, портпарол на партијата, за Радио Слободна Европа. Рокот за извршување на изборни дејствија за предвремените парламентарни избори на петти јуни истекува на полноќ, па партиите кои имаат намера да излезат на гласање треба да го сторат во следниве часови.

Останува отворено прашањето, без разлика што некој ќе поднесе кандидатски листи денеска, избори на петти јуни нема да има.
Никола Дујовски, универзитетски професор

Засега извесно е дека и СДСМ нема да поднесе листи, а слични се очекувањата и за ДПА. Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, како што пишуваат медиумите, кои во јавноста важат за блиски до власта, се разгледувале и правните механизми за враќање на Собранието и одложување на изборите.

Според универзитетскиот професор Темелко Ристески, иако Собранието е распуштено, сега треба да се свика и пратениците да донесат таква одлука.

„Имаме Собрание, иако е распуштено, треба да се појде од начелото на суверенитетот на граѓаните. Интересот на граѓаните во конкретниот случај е Собранието да се состане и следејќи го интересот на граѓаните, согласно начелото на суверенитетот, Собранието мислам дека апсолутно нема никакви пречки да се состане и да се одмрзне оваа ситуација“, вели Ристески.

Инаку и според изборниот законик, мандатот на пратениците трае од денот на неговото верификување до денот на верификувањето на мандатот на новоизбраните пратеници, но не подолго од четири години. Но, сепак, правните експерти посочуваат на нејасни ситуации и во законите, но и во Уставот, наведувајќи дека и овој пат ќе се работи за политичко, а не за правно решение за излез од кризата.

За политичките решенија, пак, веќе со денови се води посреден дијалог меѓу амбасадорите и претставниците на политичките партии. Официјални информации нема за евентуален договор за најспорните прашања кои како услови ги постави СДСМ, повлекување на одлуката за избори на петти јуни и повлекувањето на аболицијата.

Ситуацијата е крајно неизвесна за да се прогнозира, но се се очекува нешто да стане појасно деновиве, особено по доаѓањето на германскиот пратеник Јоханес Хајндл, оценува професор Никола Дујовски, кој инсистира дека клучно останува повлекување на аболицијата. Тоа што некој ќе поднесе кандидатски листи денеска не значи ништо, оценува тој.

„И да поднесат ВМРО-ДПМНЕ, можеби и некој други од помалите македонски партии или од помалите партии на Албанците да поднесат листи, тоа не значи на петти јуни дека ќе се случат избори затоа што до петти јуни периодот ќе биде исклучително интензивен и во изнаоѓањето на решенија особено затоа што ДИК може во кое било време, претседателот или нејзините членови, да поднесат оставки што би ги спречило изборите итн. Така што останува отворено прашањето, без разлика што некој ќе поднесе кандидатски листи денеска, избори на петти јуни нема да има“, вели Дујовски.

Во меѓувреме, сè погласни се шпекулациите дека изборите би се одржале во септември или во октомври. Од друга страна, пак, лидерот на СДСМ Заев нагласи и дека тие не се за за нов фиксен датум за избори туку за условен.

Нејасно останува и каква влада би ја водела земјава до идниот термин за избори, па се шпекулира за експертска, партиска, иста како и сега според договорот од Пржино, или пак враќање на владејачката коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG