Протест - Време на шареното по едноумието

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Шарена револуција низ улиците на Скопје

Шарената револуција е новиот термин кој го одбележа вечерва антивладиниот протест. Освен во Скопје протести вечерва беа одржани и во Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово, Штип, Велес и Битола, Кавадарци и Охрид. Покрај антивладините протести во дел од градовите беа одржани и контрапротести во организација на граѓанското движење ГДОМ.

Со разни бои демонстрантите ги „украсија“ бараките на Град Скопје во градскиот парк во Скопје. Демонстрантите се преселија од пред Владата пред седиштето на градската администрација каде што извикуваа „Мафија на робија“.

Не напаѓаат зошто ја бојадисуваме Триумфалната Капија, а тие не се свесни дека потрошија 4,4 милиони евра за неа. Споменикот на Александар Македонски чини 7,5 милиони евра, поради сиве овие суми ние немаме леб, немаме пари и протестираме овде и кога ќе не прашаат зошто протестираме одговорот е едноставен за слобода.

Приодот од страната на паркот го чуваа полициски сили и не дозволуваа приближување кон бараките. Демонстрантите беа блокирани на булеварот Илинден, по што се разотидоа.

„Робија за Коце, излези Коце со жолтите чизми да те видиме, излези!“ извикуваа демонстрантите пред бараките на Град Скопје.

„Доста е едноумие доаѓа време на шареното“ порачаа вечерва демонстрантите, објаснувајќи го новиот термин „шарената револуција“ кој го одбележа протестот вечерва. Илјадници демонстрантите пред Собранието извикуваа „Николче Диктаторче“, „Нема правда, нема мир“.

Дел од говорниците пред Собранието изјавија дека бараат да се отвори посебен оддел во Кривичниот суд кој ќе биде надлежен за случаите кои ги води Специјалното јавно обвинителство, итно повлекување на одлуката за избори на 5 ти јуни, задолжително вклучување на независни претставници на граѓанското општество во решавањето на кризата, а процесот на решавање на кризата да се одвива на територија на Македонија и да формирање на преодна владата која докрај ќе ги имплементира итните реформските приоритети од забелешките на Прибе. Тие остануваат и на барањето за повлекување на одлуката на Претседателот за аболиција на политичари и бараат Иванов да си даде оставка.

„До исполнувањето на нашите барања, нашата политичка борба останува на улиците“, порачуваат демонстрантите.

„Не напаѓаат зошто ја бојадисуваме Триумфалната Капија, а тие не се свесни дека потрошија 4,4 милиони евра за неа. Споменикот на Александар Македонски чини 7,5 милиони евра, поради сиве овие суми ние немаме леб, немаме пари и протестираме овде и кога ќе не прашаат зошто протестираме одговорот е едноставен за слобода“, рекоа демонстрантите пред Собрание.

„Протестирам“ низ Македонија

Освен во Скопје, во организација на „Протестирам“, има протести и во другите градови.

Во Струмица протестот под полициско обезбедување помина мирно, а демонстрантите пуштаа делови од т.н бомби на опозицијата. Учесниците на протестот во Кавадарци се собраа во центарот на градот, кратко протестираа пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и пред општинската зграда. Поддржувачите на „Протестирам“ и вечерва на мирен протест низ улиците на Кочани го искажаа своето незадоволство од актуелната власт и побараа нејзина оставка. Учесниците на протестниот собир во Битола ги повторија веќе познатите барања и побараа оставка од градоначалникот Владимир Талески како и одлагање на претстојните парламентарни избори закажани за 5 јуни.

Протести се одржаа и во Прилеп, Куманово, Штип, Велес и Охрид. За утре е најавен протест и во Гостивар.

ГДОМ се врати со протестите

По пауза од еден ден и ГДОМ се врати со протестите. Поддржувачите на организацијата и на владејачката ВМРО-ДПМНЕ протестираат во Кавадарци, Битола, Прилеп и Охрид во близина на локалните седишта на опозициската партија СДСМ. На протестот во Охрид, како и на собирите во останатите градови на Македонија беа повторени барањата на граѓанската асоцијација ГДОМ за повлекување на одлуките на претседателот Ѓорѓе Иванов за аболиција на лидерот на СДСМ Зоран Заев и Зоран Верушески, како и за одржување на изборите на 5 јуни, како единствен начин за надминување на политичката криза во земјата.