Миграцијата во Река тече како река

Регионот на Долна Река во Општина Маврово – Ростуше во кој населението со векови опстанува од печалбарење, продолжува да се празни.

Миграцијата на овие простори во Западна Македонија поради економски и политички причини, продолжува и денес. Историските податоци говорат дека во одредени историски периоди имало и масовни иселувања. Така по втората светска војна имало масовна миграција во која од овие краишта над 80 отсто од населението се иселило во Република Турција.

„Од памтивека нашите краишта се познати по миграциите, кои се карактеристичен сегмент на оваа население. Има повеќе причини, но сметам дека економските се битен сегмент. Миграции имало многу, но најмасовни се оние миграции кои биле за Турција. Над 80 проценти од населението од Долна Река е иселено во Република Турција. Од овој регион се иселиле 1.595 жители само од селата на Долна Река, така што во тој период цел регион бил опустошен“, објаснува историчарот и публицист од овој регион Реџеп Реџепоски.

Тој исто така ги следи и процесите на миграција на оваа население во земјите на Европската унија. Според него во повеќе земји на Европа масовната миграција започната на почетокот од седумдесетите години.

„Миграцијата продолжи. Таа тече како река, како нашата Радика. Миграцијата во седумдесетите години масовно продолжи во западно-европските земји. Така миграцијата продолжи во Германија, Швајцарија, а потоа и во Италија. Но поради познатите економски проблеми во Италија, сега имаме премиграција на нашите во другите земји на ЕУ. Нашите луѓе се занимаваат со градежништво, а работа во Италија има се помалку“, вели Реџепоски.

Тој додава дека Реканци каде што заминале, успеале. Но сепак додава дека оваа е тешка судбина на овој народ.

„Нашите луѓе се снаоѓале и ќе се снаоѓаат. Тоа ни била судбина, тоа е од памтивека нафрлена работа. Но тие и таму далеку се почитувани, работаат и успеваат. Тие вложуваат и во родниот крај, што е од големо значење за нас кои живееме овде во родниот крај.“

И денес, помладите генерации посакуваат да мигрираат во странство. Но и оние кои мигрирале во Турција или во некоја од земјите на Европската унија, навраќаат кога можат во својот роден крај или во родниот крај на нивните предци во овој преубав крај на Република Македонија.