Достапни линкови

Проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција во Дебар


Преку проект на УСАИД две училишта во дебарско добија системи за централно греење, а формирани се и заеднички групи за унапредување на меѓуетничката соработка.

Американскиот народ преку УСАИД во Република Mакедонија од 1993 година има инвестирано над 500 милиони долари. Во општината Дебар со средствата на Американската агенција за меѓународен развој се реализирани бројни проекти, со што е овозможено на населението да има подобар живот.

Моментално во две основни училишта во општина Дебар се реализираат проекти во сферата на образованието. Станува збор за проектот „Меѓуетничка интеграција во образованието“, при што матeријално се обезбедени системи за централно греење и за двете училишта. Но овие проекти покрај матeријалните ефекти имаат и инспирација за подобрување на демократските процеси и подобра иднина на младите.

Ова е добра соработка, но и едукација и инспирација во однос на нашата иднина. Нашата иднина е ЕУ и САД.
Ружди Лата, градоначалник на Дебар.

„Ова е добра соработка, но и едукација и инспирација во однос на нашата иднина. Нашата иднина е ЕУ и САД. Од овие краишта во САД имаме над 15 илјади дебарчани кои таму се добро интегрирани. Овој проект не е само материјална помош, ова е и инспирација и едукација, но и патоказ за сите нас каде треба да чекориме“, вели градоначалникот на Дебар Ружди Лата на свеченоста по повод реализацијата на проектот.

На свеченоста во Дебарското село Долно Косоврасти присуствуваше и Мајор Џефри Ван Сикл, шеф на канцеларијата за меѓуармиска соработка при Американската амбасада во Македонија. Тој оцени дека овие проекти се многу битни за младите.

Проектот на УСАИД тесно соработува со Владата на Македонија и со локалните заедници како што е вашата, со цел да се олесни меѓуетничката интеграција во јавното образование.
Мајор Џефри Ван Сикл.

„И додека реновирањето вреди да се прослави, би сакал да се фокусирам на едно друго помалку материјално, но многу важно подобрување кое исто така се направи во вашето училиште. Проектот на УСАИД тесно соработува со Владата на Македонија и со локалните заедници како што е вашата, со цел да се олесни меѓуетничката интеграција во јавното образование“, истакна Ван Сикл.

Со овој проект за меѓуетничка интеграција во училиштата „Саид Најдени“ во Дебар каде наставата се реализира на албански јазик и „Ристе Ристевски“ од Долно Косоврасти, каде наставата се реализира на македонски јазик, се формирани и заеднички групи на ученици за унапредување на меѓуетничката соработка и за меѓусебно комуницирање и запознавање на нивните култури преку спроведување на заеднички активности.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG