Измислени влезови од згради кои на терен не постојат, но во нив се наведени гласачи, голем број луѓе регистрирани на една адреса, или, пак, луѓе со исто специфично име и презиме наведени како гласачи во различни градови се дел од проблемите кои континуирано ги посочуваат опозицијата, граѓаните и медиумите во избирачкиот список.
Доколку се констатира дека одредени лица не го поседуваат таквиот документ за идентификација, тогаш мора да се врати и Министерството за внатрешни работи во управна постапка треба да ги поништи истите.Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител
Државната изборна комисија, според најавите, се очекуваше до крајот на неделава да заврши со вкрстената проверка на податоците од единаесет институции со која делумно би се пронашле спорните гласачи, по што ќе следува и теренска проверка, а би се отвориле и управна постапка во Министерството за внатрешни работи во која би требало, ако се утврди дека се стекнале на незаконски начин со право на глас, да се избришат од избирачкиот список.
Сепак, се работи за еден подолг процес од она што се очекуваше, вели поранешниот јавен обвинител, адвокатот Јован Трпеновски, кој објаснува дека личните документи може да се поништат ако се утврди дека биле добиени без законска основа која подразбирала поседување на државјанство и живеалиште.
„Доколку се констатира дека одредени лица не го поседуваат таквиот документ за идентификација, тогаш мора да се врати и Министерството за внатрешни работи во управна постапка треба да ги поништи истите. Управната постапка сепак не е толку едноставна и бара извесно време и според тоа времето ќе се пролонгира со секое новооткриено лице коешто е внесено во избирачкиот список, а не ги исполнува условите“, вели Трпеновски.
Еден од најмногу истакнуваните проблеми во јавноста е големиот број избирачи евидентирани на иста адреса. Според Трпеновски, во таквите случаи, личните карти може да се одземат врз основа на живеалиште.
„Во досието што се отвора при издавање на личната карта на лицето треба да има дека ќе живее на одредена адреса, да има договор за склучен потстанарски однос или договор за купување или добивање на стан по друга основа. Доколку тоа го нема, практично личната карта е издадена надвор од процедурата и тогаш се тргнува од дефектот на личната карта и таа практично е нереална, необјективна, фалсификувана лична карта“, објаснува Трпеновски.
Прогнозите на запознаените со процедурата за прочистување на избирачкиот список не се оптимистички расположени за брзината со која би се сторило тоа, земајќи предвид дека и со самото јавно објавување, секојдневно се откриваат нови аномалии, а некои сериозни беа и претходно посочени.
Минатиот месец на прес-конференцијата на Специјалното јавно обвинителство за акцијата Титаник, обвинителката Фатиме Фетаи тврдеше и дека незаконски се издавале лични карти, биле одредени 15 илјади нови матични броеви, кои, како што нагласи, не биле за новороденчиња, а во МВР стоеле и 35 илјади лични карти кои не биле подигнати од барателите.