Веб-апликацијата на Државната изборна комисија, за граѓанска контрола на избирачкиот список, покажа колку е неопходно навремено и темелно прочистување на избирачкиот список, наведува СДСМ во соопштение до медиумите.
Само неколку примери покажуваат дека на една адреса фигурираат по 60, па дури и повеќе лица.СДСМ
„Се потврдува она што СДСМ го говори цело време. Само неколку примери покажуваат дека на една адреса фигурираат по 60, па дури и повеќе лица. На една адреса во Скопје се запишани 66 лица. На една адреса во Ресен се запишани 34, а на друга 24 лица“, се вели во соопштението.
Според СДСМ, уште еднаш се потврдило дека биле организирани криминални избори, со корупција, фантомски гласачи и злоупотреби на државни институции. СДСМ ги охрабрува граѓаните да продолжат да го проверуваат Избирачкиот список и да го искористат законското право да пријават неправилности до Државната изборна комисија.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагира дека во изминатите десет години разликата во поддршката која ја имаат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е околу 200 илјади гласови и оти таа разлика ќе се потврди и на 5 јуни.
Според владејачката партија, СДСМ е во паника откако медиумите објавиле информации дека нивната теза за 150 илјади непостоечки гласови, кои биле украдени е целосна лага и манипулација.
Партијата посочува дека СДСМ ги контролира двете најважни институции задолжени за спроведување на изборите, ДИК и МВР, и затоа, како што наведува, секој обид за пронаоѓање евтино алиби не им поминува ниту кај нивните партиски членови.