По дводневните средби со претставници на власта, опозицијата и правосудните органи, заменик-помошникот државен секретар за Европа и Азија во Стејт департментотХојт Брајан Ји денеска рече дека Соединетите Американски Држави продолжуваат одблиску да го следат спроведувањето на Договорот од Пржино. САД и ЕУ продолжуваат со поддршката за владата, партиите и институциите да можат да обезбедат изборите на 5-ти јуни да бидат слободни, фер и кредибилни нагласи Ји.
Вчера и денеска ја нагласивме важноста од поддршката на Специјалното јавно обвинителство, да се поддржи важноста од владеењето на правото и да се осигура дека сите претставници одговорни за кризата да бидат повикани на одговорност за своите дела.Хојт Брајан Ји, американски дипломат.
„Ги набљудуваме одблиску некои специфични прашања кои ги вклучуваат Избирачкиот список кој е во процес на прочистување и мило ни е што гледаме дека почна вкрстувањето на податоците. Исто така одблиску ги набљудуваме медиумските реформи и улогата на медиумите во осигурувањето на рамноправен терен за време на предизборието. Ние исто така одблиску ја набљудуваме целокупната атмосфера во која гласачите би имале можност да гласаат слободно“, рече Ји.
Американскиот дипломат, исто така, ја нагласи важноста од одвојувањето на партијата од државата и рече оти веруваат дека има време да се организираат слободни и фер избори, а дека постојано ќе ги даваат нивните мислења и совети околу тоа што треба да се направи.
Ја следиме одблиску и работата на Специјалното јавно обвинителство порача Ји пред зградата на Владата каде што ја даде изјавата по средбата со премиерот Емил Димитриев.
„На сите состаноци вчера и денеска ја нагласивме важноста од поддршката на Специјалното јавно обвинителство, да се поддржи важноста од владеењето на правото и да се осигура дека сите претставници одговорни за кризата да бидат повикани на одговорност за своите дела во согласност со владеењето на правото. Мислам дека нашите пораки беа разбрани и слушнати од сите политички партии, очекуваме да го поддржат Специјалното јавно обвинителство и ако видиме други нарушувања или опструкции ќе ги дадеме нашите совети, ако има потреба од тоа“, рече Ји додавајќи дека имплементација на Договор од Пржино е важна за иднината на земјата.
За време на посетата покрај со претставниците на политичките партии и владините функционери, заменик-помошникот за Европа и Азија се сретна и со Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и со републичкиот Јавен обвинител Марко Зврлевски.
Ова е негова втора посета откако почна кризата. Минатата година во април беше во Скопје, а сега рече дека оттогаш досега биле преземени многу позитивни чекори споменувајќи го постигнувањето на Договорот од Пржино.
Ји нагласи и дека со домаќините разговарале за борбата против тероризмот и заедничките напори за борба против Исламска држава.