Му недостига уште автограмот на Груевски

250 автограми од светски политичари и познати личности брои колекцијата на еден биточанец. Му недостасува само автограмот од поранешниот премиер Никола Груевски.

Битолскиот колекционер Филип Етмишовски има 15 години, а веќе собрал 250 потписи од светски политичари, државници, нобеловци, музичари, писатели, научници...Во својата колекција ги собрал автограмите на рускиот претседател Владимир Путин, и на премиерот Димитриј Медведев, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт, францускиот претседател Франсоа Оланд, германскиот претседател Јаоаким Гаук...Своерачни потписи му испратиле Симеон Саксобурготски - последниот цар на Бугарија, Фарах Пахлави, последна кралица на Иран, Ханс Адам Втори - монарх на Лихтенштајн и други личности со „сина“ крв.

Морам да кажам дека лидерите на европските и развиените земји се побрзи и поефикасни, па потписите стигнуваат за една до две недели.

„Прво започнав да собирам потписи од естрадата, а потоа и од политичари, кралски личности, нобеловци. Сакав многу да сретнувам познати лица, тоа беше првата причина што почнав да собирам потписи. Потоа одлучив да направам збирка каде ќе ги има сите лидери, сите кралски личности кои оставиле белег во историјата“, вели Етмишовски.

Молбата за потпис ја испраќа по електронски пат до кабинетот на претседателите или премиерите, а потоа најчесто по пошта го добива автограмот. Вели дека лидерите на поразвиените земји се поекспедитивни во испраќањето на потпис.

„Морам да кажам дека лидерите на европските и развиените земји се побрзи и поефикасни, па потписите стигнуваат за една до две недели. За балканските и источните лидери треба да помине повеќе време за да одговорат, повеќе време да го прифатат барањето, да се уверат дека навистина собирам потписи, па да одговорат. За тоа најчесто минува два до четири месеци“, додава Етмишовски.

Во колекцијата има потписи и од македонски државници, но не и од доскорешниот премиер Груевски. Кога се обидел да му се доближи при една негова посета во Битола од дождот му откажал маркерот.

„Имам потпис од нашиот претседател Иванов и поштенски и лично ми се потпишал, па од пораншениот премиер Хари Костов. Од Груевски за жал немам. Беше тој неодамна во Битола, јас се подготвив, но само што се доближав до него престана да работи маркерот, а тој се брзаше и замина. Така сликата негова ми остана без потпис. “

Автограмите на државниците вели дека се величенствени, со многу карактеристично исцртани букви. Како најспецифични ги издвојува оние на македонскиот и рускиот претседател.

„Многу се различни потписите. И без да ја видиш сликата некои можеш да ги познаеш на кого се, а некои иницијалите ги немаат во потписите. Од балканските лидери нашиот претседател го има најинтересниот потпис и најдолг и со повеќе црти, а од светските Путин има прилично долг потпис“, вели тој.

Составен дел од колекцијата се и автограмите на познатите актери Софија Лорен, Бриџит Бардо, Жулиет Бинош, Изабел Ипер, Бруно Ганц, Раде Шербеџија, како и на светски познатите музички ѕвезди Елтон Џон, Хозе Карерас, Андреа Бочели и други.