Достапни линкови

Уметнички украсни свеќи - иновативен бизнис


Со грант за самовработување, кумановецот Зоран Зафировски отворил работилница за рачна изработка на украсни свеќи.

Кумановецот Зоран Зафировски (38), иако по професија чевлар без вработување, своето хоби - изработка на уметнички украсни свеќи го преточил во сопствен бизнис. Негов почетен „капитал“ се средства добиени преку проектот за самовработување, што му помогнало да го работи она што го исполнува, да биде единствен во Македонија и секако да обезбедува егзистенција.

Аплицирав со добар бизнис план, ме прифатија, и покрај грантот добив и дополнителни 60 илјади денари за иновативен бизнис, бидејќи немаше други поиновативни бизниси, особено за изработка на свеќи или слично.
Зоран Зафировски, изработувач на украсни свеќи.

„Ова ми беше како еден вид хоби што го работев за себе, а во консултација и со скапо платена обука кај една Украинка успеав да го изучам занаетот и да го донесам во Македонија. Вакви свеќи нема на друго место во Македонија. Вакви свеќи има само во Украина, Русија, Шпанија, САД и можеби во Бугарија“, вели тој.

Работилницата во која секојдневно се изработуваат најразновидни украсни свеќи Зоран раскажува дека успеал да ја оспособи со средства за самовработување од УНДП преку грантот што го дава Агенцијата за вработување.

„Аплицирав со добар бизнис план, ме прифатија, и покрај грантот добив и дополнителни 60 илјади денари за иновативен бизнис, бидејќи немаше други поиновативни бизниси, особено за изработка на свеќи или слично“, вели тој.

Со овој бизнис Зоран од неодамна се зафатил. Упорно работи за да создаде одредена залиха за пазарот, а неговите парафински скулптури - свеќи засега се продаваат само во неколку гифт шопови во Куманово. Наскоро, како што вели, со неговата уметност ќе бидат запознаени и граѓаните на Скопје, но и во останатите градови во државава.

„Целиот процес на изработка е од 15 до 30 минути, зависно од боите, големината, широчината и уметноста на резбарењето на свеќата. Калапите, основата за изработка, се од Украина, каде што го изучував занаетот, а останатото од потребниот материјал дел е од тука, а дел од странство“, вели тој.

Иако македонскиот пазар е преплавен со евтини украсни свеќи од кинеско производство, Зоран се надева дека со неговата уникатна уметност ќе се справи со нелојалната конкуренција.

„Ваква рачна изработка засега нема кај нас и мислам дека ќе успеам и да се пробијам на пазарот“, вели Зафировски.

Овие свеќи, не само што се украсни, тие се и со ароматизиран дел.

„Може да бидат на пример со миризба на ванила, цимет, чокоцимет, но и антиникотинска“, вели тој.

Засега, како што раскажува Зоран Зоран Зафировски, соработува со една кумановска фирма која нарачува уметнички украсни свеќи како репрезентативен материјал.

„Кај мене не може да се нарача само една свеќа, туку само на големо, бидејќи така налага законскиот пропис за фискализација“, вели тој.

Како невработен чевлар, Зоран вели дека во животот работел сè и сешто, но оваа уметност го привлекла, го исполнува прецизна обработка на парафинот, а најголемо задоволство е кога идејата целосно е реализирана.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG