Уставните судии со мнозинство гласови одлучија дека ќе поведат постапка за оценување на измените на законот за помилување. Станува збор за разгледување дали ќе му се зголемат ингеренциите на претседателот да помилува затвореници кои се осудени за изборен криминал, кривични дела против полова слобода и морал и недозволено производство и пуштање во промет на дрога.
Сосема е јасно зашто баш сега, затоа што веќе се наѕира односот, предистражни постапки се поведени, сигурно и обвинение ќе покрене Специјалниот обвинител со кое ќе бидат опфатени врвни функционери.Трендафил Ивановски, поранешен уставен судија
Според мнозинството судии, досегашните измени на законот не биле противуставни, но навлегуваат во ингеренциите на Претседателот и сметаат дека тој треба да процени и оцени кого и за кои дела ќе помилува. Судиите кои не се согласуваат со овој став сметаат дека во Уставот е прецизно наведено оти помилувањата се ограничуваат со закон.
Иницијативата што се најде денеска во рацете на уставните судии за измени стари седум години е само подготовка на терен за спас на евентуални давеници во истражната постапка Титаник, велат познавачите на уставното право.
На оваа иницијатива ѝ претходеше поведување на првата постапка од Специјалното обвинителство за изборен криминал во кој се осомничени поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко и уште петмина други.
Се наметнува прашањето дали ваквите измени може да се толкуваат како делумно признавање на вината за изборен криминал или само како превентивен чекор доколку во понатамошна судска постапка се докаже вина за делото.
Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски вели дека Уставниот суд со овој предлог се става во служба на одбрана на изборниот криминал.
„Сосема е јасно зашто баш сега, затоа што веќе се наѕира односот, предистражни постапки се поведени, сигурно и обвинение ќе покрене Специјалниот обвинител со кое ќе бидат опфатени врвни функционери и врвни кршители на уставноста и врвни криминалци во сферата на изборното законодавство. Тука се сака да се заштити клиентелистички, да може да бидат помилувани сите лица, како поранешната министерка за внатрешни работи, поранешниот министер за транспорт и сите останати кои се осомничени за можни кривични дела“, вели тој.
Ивановски вели дека во последниве неколку години Уставниот суд не ги застапува во целост интересите на Македонија.
„Ми наликува повеќе како да е Уставен суд на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е барем со мнозинството од досегашните неколку одлуки, што произлегува дека е враќање на долгови спрема овие што на некој начин ги поставиле овие неколку кадри од мнозинството“, вели тој.
Во 2009 година имаше измени на овој закон и со тогашните измени претседателот веќе немаше можност да помилува лица кои ќе бидат осудени за изборни нерегуларности. Овие измени беа на барање на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а ги потпиша тогашниот претседател Бранко Црвенковски.
Во Кривичниот закон се превидени високи казни за изборни манипулации, односно најмалку три години казна затвор.
Уставните судии конечна одлука за тоа дали на претседателот ќе му се дозволи да амнестира и за изборна кражба, педофилија и трговија со дрога ќе донесат за не повеќе од еден месец.