Република - Го создадоа „Титаник“ и потонаа
Главната тема на Република е најавена и на насловната страница: „Од бомбаш-самоубиец капетан не бива – Го создадоа „Титаник“ и потонаа‟, со ликовна илустрација на брод со амблемот на СДСМ, на него раководството на партијата и специјалната обвинителка, како тоне откако се судрил со толпа луѓе без лица, но некаде на врвот се вее македонското државно знаме. Давеникот се фаќа за сламка, пишува во анализата на неделникот и додава дека кога некој тонел со себе ги влечел и своите дела... „Како што партијата и лидерот сè повеќе тонеа снижувајќи го нивото на комуникација и дејствување‟, според Република, „солидарност со нив изразија и нивните министри и СЈО на Јанева‟. А кога тонењето станало заразно, во седиштето на Партијата, наместо лек, социјалдемократските екими вљубени во поранешните југословенски прикаски, според неделникот, тргнале по старото дека „клин со клин се избива“. „И го измислија „Титаник“. И потонаа, сосема...‟, тврди Република.
Глобус - По судирот со Јанева, „Титаник“ започна да тоне
За он-лајн неделникот Глобус „Титаник“, како што од страна на Специјалното обвинителство е наречена првата акција со покренати обвиненија за злосторничко здружување против поранешните министри Јанкулоска и Јанакиески, ги олицетворува токму власта на Груевски и неговата партија. Па Глобус оди со наслов: „По судирот со Јанева, „Титаник“ започна да тоне‟. Во текстот се потсетува на активностите на Јанкулоска која, како прв човек на МВР, ги користела дури и полициските командири за да обезбеди победа на владејачката партија, и на оние на Јанакиески, за чии активности за време на изборите постојат и аудио-записи во „бомбите‟. И повторно може да се прочита дека со цел - изборна победа по секоја цена од страна на власта биле издадени 15.000 нови матични броеви, а новороденчињата ги немало, биле испечатени 35.000 лични карти, а биле издадени и повеќе од 60.000 нови државјанства. Како и тоа дека во процесот изборни манипулации биле применувани и други методи, насилства, поткупи, злоупотреба на државни капацитети за партиски цели, злоупотреба на медиумите, на јавните фондови и незаконско финансирање на изборната кампања.
Фокус - Судот е последниот бедем на фамилијата
Фокус тврди дека „Судот е последниот бедем на фамилијата‟ за песимистички да праша: „По целата рашомонијада со притворите, се поставува прашањето дали досието „Титаник“ воопшто ќе влезе во судница и дали злосторничкото здружение на ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочи со казни затвор? Неизрекувањето притвор за функционерите на владејачката партија ја отвора дилемата дали судот ќе остане со непроменлив став против сите идни постапки на Специјалното обвинителство?‟ А во насловот на анализата Фокус ја искажува поентата: „Груевски такса судии да ги отфрлат обвиненијата на Катица‟.