Распитот на осумтемина осомничени за изборни измами во случајот „Титаник“ заврши и сега на Специјалното јавно обвинителство му останува да продолжи со истрагата и евентуално да покрене обвиненија за случајот. Пред судија на претходна постапка од одделот за организиран криминал и корупција се најдоа и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко. Основниот суд Скопје 1 во меѓувреме не го прифати барањето на Специјалното јавно обвинителство за изрекување на мерка притвор на осомничените.
Ќе има сериозни опструкции околу гонењето на сите овие кривични дела и расветлување на сите овие постапки кои претстојат.Осман Кадриу, универзитетски професор
„Одредена група на луѓе, на кои нема да ги откријам идентитетите, искористувајќи го своето реално влијание и службена положба, а заради понатамошно опстојување на власт на партијата, и на локално и на државно ниво и особено заради нивни непосредни привилегии од практикување на власта, создале група, која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето или во превод преку целокупното криминализирање на изборниот процес, освојување на власт“, рече обвинителката Фатиме Фатаи додека го презентираше случајот во јавноста.
Изборните измами беа дел и од таканаречените бомби кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори и кои ги презентираше лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Машки глас 1: Ало.
Машки глас 2: Миле, како е?
Машки глас 1: Капиштец има две избирачки места, водиме. Вака сега, на 23 избирачки места обработени.
Машки глас 2: Да.
Машки глас 1: Можно е да има втор круг оти во просек, општина Центар имала неважечки ливчиња, околу 1000-1500...
Машки глас 2: Аха, аха. Значи, да ни беа овие преспанциве, ќе завршевме работа?
Машки глас 1: Да
Машки глас: Значи, циркус, а?
Женски глас: Вика, Ристе го пуштивме да ни кажува од лице место. Една од СДС се држи за радијатор и ме гребе и оваа се мава од радијатор. Човечињава идат и гласаат и ќутат. И климаат со глава. Тој еден луд џандар и вика, госпоѓо отстапи. Лудница. Ама знаеш, таму е стварно лудница, ама си гласаат луѓево. хахаххаха
Машки глас: Си гласаат луѓето непречено.
Женски глас: Мислам, ја многу би сакала да видам како изгледа оваа како се мавала од радијатори и му вика Ристе тебе те знам, ќе видиш ти убаво.
Експертите очекуваат тимот на Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и понатаму да се соочува со опструкции.
„Веднаш треба да се заклучи дека Кривичниот суд, имајќи го превид неговиот состав и изборот и дека во судството имаме ние политика, чиста политика, што не смее, ќе има сериозни опструкции околу гонењето на сите овие кривични дела и расветлување на сите овие постапки кои претстојат и кои треба да се покренат од страна на Специјалното јавно обвинителство“, вели професор Осман Кадриу.
Од Специјалното јавно обвинителство соопштија дека за делата кои произлегуваат од случајот „Титаник“ е предвидена казна од минимум три години затвор.